САД и Естонија ќе ги враќаат реформите во Македонија


Амбасадата на САД, заедно со Естонскиот центар за меѓународен развој (ЕСТДЕВ) и Секретаријатот за европски прашања (СЕП)  започнуваат „трипартнерство“  преку кое ќе обезбедат техничка помош од Естонија и од нејзините добро водени институции за севкупниот развој на Македонија и за пристапувањето кон ЕУ. Првата фаза од проектот се фокусира на  дигитализација и е-управување, а во план е и создавање силен национален јавен медиумски сервис и засилување на одбраната од сајбер нападите. 

Почетната 18-месечна фаза на проектот, кој официјално ќе започне во Скопје на 24 септември,ќе се финансира со грант од 250.000 американски долари од САД и 100.000 долари од Естонија. Проектот ќе го спроведува Естонскиот центар за меѓународен развој (ЕСТДЕВ) со седиште во Талин, кој работи под покровителство на Министерството за надворешни работи на Естонија.

Експертите на ЕСТДЕВ ќе бидат на терен во Скопје од 19 септември за да ги  утврдат фактите и за да разговараат со владата, претставниците на граѓанскиот  и приватниот сектор и донаторската заедница, за да утврдат каде точно нивните средства би можеле да бидат од најголема корист за напредокот на процесот на дигитализација на Македонија.

На прашањето  дали овој проект е насочен кон надминување на блокадата од Бугарија, од амбасадата одговорија  дека САД немаат намера да ги заоструваат прашањата со Софија ниту пак да и конкурираат на ЕУ во Македонија, туку да бидат партнери на процесот.Главната цел, според најавите, е поради блокадата на Бугарија на почетокот на преговорите со ЕУ, да се задржи моментумот во реформите бидејќи Македонија нема време за губење. Целиот проект не го гледаат како алтернатива на ЕУ или против Бугарија, туку како помош на Македонија, во која ветото во ЕУ делуваше многу деморализирачки. 

Според оценките во амбасадата, ако се спроведе правилно дигитализацијата, таа значајно ќе помогне во борбата против корупцијата, како во Естонија, и ќе ја зголеми јавната доверба во институциите.  Естонија, велат тие, се соочи со истите преодни предизвици во 1990-тите години со кои се соочува Северна Македонија денес, и преку ЕСТДЕВ може да ги примени научените лекции од нејзиното реформско патување на денешната ситуација овде.

За Соединетите држави геостратегиски интерес е Македонија да биде демократска и просперитетна.  Тие очекуваат дека проектот, покрај промовирањето на дигитализацијата, ќе и даде на Владата  извор за совети и насоки додека продолжува со реформите. Покрај тоа, оваа иницијатива може да обезбеди основа за двете земји да соработуваат во други клучни сектори, како што се младите, граѓанското општество и приватниот сектор, станувајќи на некој начин земји партнери.

На прашањето зошто токму  Естонија, од амбасадата посочија на неколку факти.

-Во 1990 -тите, Естонија се соочи со слични предизвици како Северна Македонија денес. Одливот на мозоци, корупцијата и внатрешните етнички поделби беа сериозни предизвици за аспирациите на земјата кон ЕУ и НАТО, како и за целокупната стабилност во регионот. Земјата успешно се справи со овие проблеми, а денес се истакнува како успешна приказна и модел за други земји кои преземаат слични транзиции. Таа е приближно со иста големина како Северна Македонија и се соочи со внатрешни поделби по етничка линија што се заканија да ја поткопаат безбедноста на земјата. Во Естонија имаше ниско ниво на јавна доверба, таа страдаше од значителна миграција  и се мачеше во справувањето со корупцијата. Денес се смета за успешна приказна на ЕУ – една од најдигитализираните земји во светот, стабилен НАТО сојузник со високо ниво на доверба во јавноста и со значително подобрена етничка кохезија, порачаа од амбасадата на САД. (С.Ј.)