САД го „судат“ Хашкиот суд

Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг ги осуди, како што ги нарече, невидените и неприфатливи санкции на САД против главната обвинителка на судот Фатоу Бенсуди, која испитува дали американската армија извршила воени злосторства во Авганистан.

„МКС ги осудува економските санкции воведени од САД врз обвинителката на Судот и претходно на член на нејзината канцеларија“, се наведува во соопштението на МКС, на кое се повикува Хина.

„Таквиот чин на присилба насочен против меѓународна судска институција и нејзините службеници се уште не е виден и претставува напад врз овој суд, врз системот на меѓународна кривична правда и владеењето на правото воопшто“, се оценува во соопштението на Судот.

Европската унија го поддржува МКС, по одлуката на САД да воведат санкции против главната обвинителка Фатоу Бенсуди, изјави денеска портпаролот на Европската комисија, Петар Стано, додавајќи дека Брисел изразил несогласување со Вашингтон за таквата мерка.

-Унијата силно се спротивставува на секој обид за поткопување на меѓународниот криминален систем со попречување на работата на нејзините главни институции (…) Тој е еден од клучните играчи во борбата против неказнивоста, ние стоиме зад МКС и не сме задоволни од мерките преземени против ваквите активности“, рече тој.

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, објави дека САД ги ставиле на црната листа обвинителката Фатоу Бенсуди и Факис Мочочок, шеф на Одделот за надлежност, комплементарност и соработка на МКС.

Нивните евентуални средства во САД ќе бидат блокирани и ќе им биде одбиен пристапот до американскиот финансиски систем.

МКС во март одлучи да почне истрага за воени злосторства и злосторства против човештвото во Авганистан.

Американскиот претседател Доналд Трамп во јуни одобри економски санкции за да го одврати МКС од гонење на американските трупи за нивно вмешаност во авганистанскиот конфликт.

Истрагата што обвинителката Бенсуди сака да ја спроведе се однесува на потенцијалните воени злосторства на САД во Авганистан. Покрај тоа, постојат обвинувања за злоупотреби против американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА).

-Решително ги отфрлам овие невидени и неприфатливи мерки против меѓународна организација заснована на спогодби, изјави претседателот на Собранието на МКС, судијата О-Гон Квон.