САД го осудија палењето на бугарскиот клуб во Битола

Телефонски разговор меѓу бугарскиот претседател Румен Радев и помошникот државен секретар Карен Донфрид


 

Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид „најостро го осуди неодамнешното палење на Бугарскиот културен центар во Битола, Македонија, чија јасна цел е да го поткопа тековниот преговарачки процес меѓу двата соседа“.

Ова се наведува во соопштението од американска страна за денешниот телефонски разговор со претседателот на Бугарија Румен Радев.

Во соопштението се додава дека двајцата соговорници продолжиле со „тековните дискусии за голем број теми од заеднички интерес, вклучително и соработката на полето на безбедноста, енергетската безбедност, економскиот развој и регионалните прашања“. Донфрид беше во Софија на 18 мај.

И од прес-службата на Радев соопштија за разговорот меѓу него и Донфрид.

Според шефот на бугарската држава, палењето на културниот центар на македонските Бугари во Битола го извршиле „луѓе кои се обидуваат да ја задржат Република Северна Македонија во сенка на тоталитарното минато на Југославија и да го попречат процесот на европска интеграција“. Радев очекува македонските институции да ги откријат сторителите и да ги казнат.