САД донира дополнителни 1,78 милиони дози од вакцината на Фајзер на Бангладеш


САД донираа уште 1,78 милиони дози вакцина против коронавирус од Фајзер/БиоНТек на Бангладеш во обид да и помогнат на јужноазиската земја да ја зајакне својата кампања за имунизација на младите над 12 години, соопшти американската амбасада во Дака.

„Американскиот народ донираше вкупно 18,5 милиони дози вакцини за Ковид-19 на Бангладеш“, се вели во соопштението на амбасадата, додавајќи дека вакцините се донирани преку механизмот КОВАКС.

Поддршката на САД за вакцинација во Бангладеш вклучува и обука на околу 7.000 здравствени работници за администрирање на вакцини, како и донации на камиони со ладен синџир за складирање на вакцини и обезбедување друга опрема потребна за здравствените установи за правилно складирање и транспорт на вакцините против Ковид-19 низ целата земја.

– САД ќе продолжат да донираат милиони дози од вакцината „Фајзер“ и ќе бидат покрај Бангладеш со цел да се вакцинираат 40 отсто од населението во земјата до крајот на оваа година, изјави американскиот амбасадор во Бангладеш, Ерл Роберт Милер.

Бангладеш денеска започна кампања за вакцинација со засилувачка доза, а претходно премиерот на Бангладеш Шеик Хасин одобри употреба на вакцините Фајзер како трета доза поради страв од ширење на варијантата омикрон.