САД бараат од Киев да ја преземат контролата на гасоводот на „Гаспром“ што поминува низ Украина
Во последните американско-украински разговори за природните ресурси Вашингтон изнесол максималистички барања

Американската влада ја повика Украина да ѝ ја предаде контролата на гасоводот на „Гаспром“ што минува низ земјата и носи гас во Европа, изјави за Ројтерс извор запознаен со американско-украинските разговори за природните ресурси.
Според изворот на агенцијата, такво неочекувано барање („Велигденско јајце“) е содржано во најновата верзија на документот за развој на украинските минерални ресурси. САД сакаат гасоводот да биде префрлен на Меѓународната финансиска корпорација за развој (ДФЦ), контролирана од американската влада, која е одговорна за инвестирање во компании и проекти во странство.
Последните американско-украински разговори за природните ресурси се одржаа на 11 април во „антагонистичка“ атмосфера поради барањата на Вашингтон што не му се допаднаа на Киев, истакна изворот. Последниот нацрт на договорот, кој изворот го нарече „максималистички“, им дава на САД привилегиран пристап до минералните ресурси на Украина и бара Киев да ги инвестира сите приходи од експлоатација на природни ресурси од страна на украинските државни и приватни фирми во заеднички инвестициски фонд. Профитот на фондот се планира да се реинвестира во украински проекти за природни ресурси. Сепак, тоа директно не гарантира безбедност за Киев. Според изворот, украинската влада ја ангажирала адвокатската фирма „Хоган Ловелс“ како надворешен консултант за претстојниот договор.
„Њујорк тајмс“ прецизира дека САД ги заострија барањата за Украина во новата верзија на договорот. Конкретно, се претпоставува дека САД ќе полагаат право на сите профити од инвестицискиот фонд додека Киев не „врати барем еквивалент од американската помош добиена за време на војната, плус годишни 4%. Дополнително, Вашингтон има намера да си обезбеди „право на прва понуда“ за нови проекти и право на вето на продажбата на украинските ресурси на трети земји.
САД, исто така, инсистираат на тоа дека фондот треба да биде контролиран од ДФЦ. Агенцијата ќе има право да назначи тројца членови во одборот на директори на фондот, додека Украина ќе може да назначи само двајца. ДФЦ, исто така, ќе го контролира секој проект во кој фондот инвестира.