Саботери ја парализираа мрежата на брзи возови во Франција пред отворањето на Олимпијадата

Патниците се заглавени на станиците Гар ди Норд и Монпарнас. Сечени се клучни кабли, има пожари покрај пругите. Нападите очигледно биле координирани


Заглавени патници на станицата Монпарнас во Париз (Фото: АП)

 

ПАРИЗ – Француската брза железничка мрежа во петокот беше погодена со широко распространети и „криминални“ вандалски акти, вклучително и подметнати пожари, парализирајќи го патувањето до Париз од остатокот на Франција и Европа само неколку часа пред свеченото отворање на Олимпијадата.

Француските власти ги опишаа нападите како „криминални дејствија“ и рекоа дека истражуваат дали тие се поврзани со Олимписките игри. Прекините, додека окото на светот се сврте кон Париз, се очекува да погодат четвртина милион луѓе само во петокот и да траат во текот на викендот, а можеби и подолго, рекоа официјалните лица.

Министерот за транспорт Патрис Вергриете ги опиша луѓето кои бегаат од местото на пожарите и откривањето на запаливи направи.

„Сè укажува дека се работи за криминални пожари“, рече тој.

Државниот железнички оператор, СНЦФ, рече дека подметнувачите на пожар биле насочени кон инсталации долж линиите што ги поврзуваат Париз со западниот, северниот и источниот дел на земјата и дека сообраќајот ќе биде сериозно прекинат низ целата земја за време на викендот.

„Ова е масовен напад од големи размери за да се парализира мрежата на ТЖВ“, изјавија од СНЦФ за агенцијата Франс прес, додавајќи дека многу рути ќе мора да бидат откажани и ситуацијата ќе трае „барем цел викенд додека се вршат поправките“.

Националната железничка компанија соопшти дека била „жртва на неколку истовремени злонамерни дејствија во текот на ноќта“, додавајќи дека нападите ги погодиле нејзините атлантски, северни и источни линии. Круцијалните кабли беа исечени и изгорени.

„Нападите со подметнување пожари започнаа со цел да се оштетат нашите објекти“, соопшти СНЦФ, додавајќи дека сообраќајот на погодените линии е „прекинат“. Спречен е натамошен напад на југоисточната линија, јавија француските медиуми.

Патниците на Гар ди Норд не знаат учте колку ќе чекаат да се нормализира сообраќајот (Фото: АП)

Нападот се случи во позадина на глобални тензии и зголемени безбедносни мерки додека градот се подготвува за Олимписките игри. Многу патници планираа да дојдат во главниот град на церемонијата на отворање, а многу туристи беа исто така во транзит.

Додека париските власти се подготвуваа за спектакуларна парада на и покрај реката Сена во услови на засилени безбедносни мерки, беа пријавени три пожари во близина на пругите на брзите линии Атлантик, Норд и Ест. Прекините особено ја погодија главната париска станица Монпарнас. Видеата објавени на социјалните мрежи покажаа дека салата на станицата е преполна со патници.

Париската полициска префектура „го концентрираше својот персонал на париските железнички станици“ по „масовниот напад“ што ја парализираше брзата мрежа ТЖВ, изјави Лоран Нуњез, началникот на париската полиција, за телевизијата Франс инфо.

Многу патници на Гар ди Норд, една од најпрометните железнички станици во Европа, бараа одговори и решенија во петокот наутро. Сите очи беа вперени во централните табли за пораки бидејќи повеќето услуги за северна Франција, Белгија и Обединетото Кралство беа одложени.

„Тоа е пеколен начин да се започне Олимпијадата“, рече Сара Мозили (42), кога дозна дека нејзиниот воз за Лондон доцни еден час.

„Тие треба да имаат повеќе информации за туристите, особено ако се работи за злонамерен напад“, рече Кори Грејнџер, 37-годишен австралиски менаџер за продажба на пат за Лондон, додека одмараше на своите два куфери на средината на станицата.

Патувањето до и од Лондон под Ла Манш, до соседна Белгија и низ западниот, северот и истокот на Франција беше погодено од, како што француската национална железничка компанија СНЦФ го нарече серија координирани инциденти во текот на ноќта.

Владините претставници ги осудија актите, иако рекоа дека нема непосредни знаци за директна врска со Олимпијадата. Националната полиција соопшти дека властите ги истражуваат инцидентите. Француските медиуми јавија за голем пожар на прометна западна рута.

Министерката за спорт Амели Удеа-Кастера рече дека властите работат на „проценка на влијанието врз патниците, спортистите и обезбедување транспорт на сите делегации до местата за натпреварување“ за Олимпијадата. Говорејќи на телевизијата БФМ, таа додаде: „Да се постапува против Игрите е како против Франција, против вашиот сопствен табор, против вашата земја“. Таа не идентификуваше кој стои зад вандализмот.

Патниците на станицата Сент Панкрас во Лондон беа предупредени да очекуваат доцнење од околу еден час до нивните патувања во Еуростар. Најавите во салата за поаѓање на меѓународниот терминал ги информираа патниците кои се упатија кон Париз дека има проблем со надземните напојувања.

СНЦФ рече дека не знае кога сообраќајот ќе продолжи и стравува дека прекините ќе продолжат „барем цел викенд“. Тимовите на СНЦФ „веќе беа на лице место за да извршат дијагностика и да започнат со поправки“, но „ситуацијата треба да трае барем цел викенд додека се вршат поправките“, рече операторот. СНЦФ ги советуваше „сите патници да го одложат патувањето и да не одат на станицата“, прецизирајќи во своето соопштение за печатот дека сите билети се заменливи и се враќаат.

Валери Пекресе, претседател на регионалниот совет на поголемиот париски регион рече дека „250.000 патници ќе бидат погодени денес на сите овие линии“. Плановите за замена беа во тек, но Пекресе ги советуваше патниците „да не одат на станиците“.

Проблемите доаѓаат пред церемонијата на отворање која е планирана за подоцна петок, на која 7.000 олимписки спортисти треба да пловат по Сена покрај иконите париски споменици, како што се катедралата Нотр Дам, Лувр, Музејот Орсе. (АП)