„Сѐ што погледнувам, затреперува. Таква е трепелива неговата поезија“: Комеморација за поетот-великан Михаил Ренџов


Фото: Б. Грданоски

 

Во инспиративна атмосфера, со звукот на окарина и единствена снимка со гласот на Михаил Ренџов од промоција посветена на Петар Т. Бошковски, денес, во НУБ “Св. Климент Охридски“, каде помина триесет години како советник за библиотекарство –  семејството, пријателите и културните дејци, се простија од авторот на неповторливите „Псалми“, „Јас. Елегии“, „Вечната бесконечната“… кој на 88 години почина на 8 октомври.

Фото: Б: Грданоски

Според писателот и декан на Филолошкиот факултет, Владимир Мартиновски, како и библиските псалми, така и неговите стихови остануваат длабоко сведоштво за  едно вдахновено време и за една творечка личност „која сите ние сме привилегирани што имавме можност да ја запознаеме, да живееме со него, а неговите книги сум сигурен дека ќе живеат со генерации и генерации“.

„Тој во една песна вели:  Сѐ што погледнувам, затреперува. Таква е трепелива неговата поезија. Сѐ затрeперува, не може читателот да не затрепери од неговите стихови“, кажа Мартиновски.
 
Фото: Б. Грданоски

„Михаил Ренџов беше мој не долгогодишен пријател, туку децениски, мој соборец и критичар. Неговиот стих дишеше со душата на македонскиот народ, на македонското благословие, македонското христијанство, македонската вера. Неговотo Нерези беше светото место на неговиот живот, на неговата поезија. Тој знаеше да шета по Македонија, по Балканот, да ги посетува христијанските земји и од секаде носеше камен. Во една прилика кога беше во Галичник, си замина со торба полна камења на грбот. Тој го ѕидаше ѕидот на поезијата во својот двор во Нерези. Секој камен во тој ѕид е нова песна, ѕид од песна. Како Светиот ѕид во Ерусалим, тоа е поетскиот ѕид на Михаил Ренџов. Не дочека да го заврши, а дали ќе дочекаме ние“, рече поетесата Гордана Михаилова-Бошнакоска на денешната комеморација во НУБ. 

Актерката Софија Гогова -Врчаковска, на комеморацијата ја прочита познатата песна ан Ренџов „Бреза“. 

Ренџов е автор на дваесетина збирки поезија, меѓу кои и „Иселеник на огинот“ (поезија, 1965); „Ноќно растење на зборот“ (поезија,1967); „Каде од оваа страна“ (поезија, 1968, „Издишки“ (поезија, 2013). Го превел и епот „Гилгамеш“. Последната поетска збирка „Зраци“ ја објави во 2023.

Добитник е на бројни награди меѓу кои: „11 Октомври“ и „Браќа Миладиновци“ за книгата Нерези (1982), „Григор Прличев“ за поемата „Тој“ (1993), „Ацо Шопов “ за книгата „Јас Оксиморон“ (1999), „Рациново признание“ за книгата „Захариј и други раскази“ (2004), „Григор Прличев“ за поемата „Предвесница“ (2009), „Браќа Миладиновци“ за книгата „Јас. Елегии“ (2017). (Л.С.)