(Видео) Рустеми: Сметам дека мојот исказ ќе придонесе за развој на истрагата


Сметам дека мојот исказ ќе придонесе за развој на истрагата, во делот на настаните поврзани со предметот „Поштенска банка“, изјави обвинителот Бурим Рустеми од Специјалното јавно обвинителство, по неговото двочасовно сведочење во Обвинителството за организиран криминал за случајот „Рекет“.

Рустеми е трет обвинител од СЈО, што е сослушан за случајот „Рекет“, откако од почетокот на неделата беа сослушани неговите колешки Елизабета Јосифовска и Лиле Стефанова.

– Дадов изјава во својство на сведок во случајот „Рекет“ во врска со прашања поврзани со истрагата „Поштенска банка“, која истрага јас ја водам во СЈО. Одговорив на сите прашања за кои што се интересираше Обвинителката, ги дадов сите информации. Ја кажав вистината и сметам дека мојот исказ ќе придонесе за развој на истрагата, во делот на настаните поврзани со предметот „Поштенска банка“, изјави Рустеми.

Прашан дали се точни информациите дека добиле закани од специјалната јавна обвинителка Катица Јанева дека „ќе пропаднат заедно со неа“, Рустеми рече дека тој не чувствувал сериозно влијание за неговиот исказ денеска и доколку имало влијаење тоа ќе го пријавел.

– Јас не чувствував сериозно влијание за мојот исказ што го дадов денеска. Во спротивно, јас би пријавил ако некој влијаеше што да кажам, изјави Рустеми.

Во однос на истрагата за „Поштенска банка“, Рустеми рече дека таа привршува и ќе одлучат кога ќе се преземат следните чекори.

Прашан зошто претходно не пријавиле доколку имале несогласувања, Рустеми само кратко рече дека летово немало такво барање.

 

https://www.facebook.com/MediumskaInformativnaAgencija/videos/2793437370684746/