Русковска не може, компромис за друго име, па избор од Советот


Ниту последната изјава на американската амбасадорка во земјава, Кејт Брнс, која побара да се зачуваат капацитетите на СЈО и да се поддржи силно и независно обвинителство, не допреа до опозицијата, од каде што сметаат дека ова обвинителство, вакво какво што е, е компромитирано и урнисано и не може да опстане во никаков облик. Од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш повторуваат оти за нив единствено прифатливо е СЈО да стане дел од новото Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, но не се согласуваат со предложениот избор за шеф, неговите ингеренции, како и со решението истрагите што ги отвори СЈО после законскиот рок од 30 јуни 2017 година да продолжат под палката на Вилма Русковска.

„Компромис по предлог-законот на премиерот Зоран Заев е возможен доколку ги прифати нашите сугестии и предлози. Околу името на Вилма Русковска, која се докажа како извршител на директивите на СДСМ, воопшто нема да разговараме. Околу тоа кој би бил новиот шеф на новото обвинителство, се согласуваме со Заев дека политичарите не треба да го одредуваат неговото име, но можеме да постигнеме компромис со власта и потоа предлогот да го однесеме до Советот за јавни обвинители. Не тие самите да го одредуваат, оти и тие работат под директиви на СДСМ. СЈО е завршена работа. Па, тоа и самиот Заев го знае и го кажува, затоа и го инкорпорира во ново обвинителство“, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата не се согласуваат ниту обвинителите од СЈО по автоматизам да добијат работа во новото обвинителство.

Портпаролот на партијата, Димче Арсовски вчера соопшти дека Јанева е еден од пипците на октоподот, а без нејзина поддршка и согласност од премиерот Зоран Заев, Боки 13 не можел да рекетира милиони евра од бизнисмени.

„Катица Јанева ја завршува кариерата онака како и што ја почна. Политички и по нарачка се обидува да го минимизира рекетарскиот скандал што ја разголи целата власт на Зоран Заев и начинот на владеење изминатите години. Катица Јанева само за плата во овие четири години од граѓаните има земено преку 150.000 евра, а не почувствува потреба да одговори на прашањата што ја интересираат јавноста. Таа практично призна дека СЈО го претворила во рекетарски бизнис и дека таму се сместени најголемите криминалци во државава вклучително со нејзе. Слушнавме дека знае и за други лица кои рекетираат во нејзино име, но Јанева одлучи да ги заштити и да не каже кои се тие, практично уште еднаш покажува и докажува дека она е соучесник и она им дава поддршка на тие лица да рекетираат и да го вршат тој криминал“, вели Арсовски.

Иако новоназначената амбасадорка на САД во земјава не вели оти СЈО треба да продолжи да функционира како досега, таа, сепак, упати јасна порака дека Специјалното обвинителство не смее да биде проект од минатото.

„Секако дека ги следиме актуелните случувања. Ние поддржуваме силно, независно обвинителство. Сметаме дека е важно е да се зачуваат капацитетите на СЈО. Тоа ќе им даде јасен сигнал на граѓаните и на меѓународната заедница дека Северна Македонија е целосно посветена на унапредување на владеењето на правото. Исто така, тоа е важно постигнување и за пристапување на земјата во ЕУ и во НАТО. Северна Македонија е наш стратегиски партнер. Веќе 25 години работиме да станете дел од ЕУ и од НАТО како стабилна, прогресивна и инклузивна демократија. Политичките лидери се клучни да ги поддржат реформите што им се потребни на граѓаните. Ние ќе продолжиме да бидеме партнер во тие насоки, САД ќе продолжат да бидат партнер со сите политички партии, лидерите и граѓаните во земјата за промовирање на позитивен и конструктивен дијалог. Го очекуваме помошник државниот секретар Филип Рикер, да дојде неделава, да се види со лидерите на политичките живот, како и да ги слушне мислењата на граѓаните“, порача Брнс во изјавата за Алсат.

Рикер, меѓу другото, ќе се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во надеж дека власта и опозицијата ќе стигнат до заедничко прифатливо решение за Законот за јавно обвинителство, од што може да зависи и октомвриската одлука за почеток на преговорите за членство во Европската Унија. За да биде изгласан законот, потребно е двотретинско мнозинство во парламентот, кое власта го нема во моментов.

Брнс дојде во земјава пред неколку недели и веќе имаше една средба со раководството на ВМРО-ДПМНЕ. На неа, како што соопштија од белата палата, било констатирано дека клучен стратегиски интерес за ВМРО-ДПМНЕ е членството на Република Македонија во НАТО и Европската Унија. Мицкоски нагласил дека за опозицијата, пријателството меѓу Македонија и САД е од особено значење изразувајќи надеж дека соработката во текот на мандатот на амбасадорката Брнс ќе оди во насока на подобрување на стратегиските односи меѓу двете земји.

Состанокот беше реализиран два дена пред закажаната лидерска средба, на која Мицкоски го откажа своето учество откако премиерот го одби неговото барање за предвремени избори. Подоцна, откажана беше и целата лидерска средба на која требаше да присуствуваат претседателот на владата и првите луѓе на ДУИ, Али Ахмети и на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.

Горан Адамовски