Русковска не знае кога ќе се суди за „Империја“


Апсолутно не сум задоволна со пресудата за Бојан Јовановски, за кого реално не очекував под десет години казна затвор. Што се однесува до веќе осудената Катица Јанева очекував меѓу седум и осум години затвор, изјави денеска јавната обвинителка Вилма Русковска по објавувањето на пресудите за случајот „Рекет”.

Таа најави жалба и за двете пресуди, но откако ќе ја добие на писмено пресудата. Исто така таа спомна некаква друга предистрага за Катица Јанева, која била во рана фаза, и допрва ќе се утврдува дали има сторено кривичено дело.

Прашана дали е задоволна од тоа како заврши предметот, со оглед дека не се најде одговор каде завршиле парите, Русковска, рече дека за осудителната пресуда веќе рекла дека не е задоволна со висината, особено за Бојан Јовановски.

– Јас сметам дека најголемиот дел завршиле кај Бојан Јовановски и Катица Јанева. Тоа е моето лично убедување, со оглед на тоа што се си купувал без никаков приход, а и самите знаете колку чини финансирањето на медиумска куќа во која работеа во тоа време по договор на дело доста истакнати новинарски имиња, изјави  Рускоска.

Во однос на забелешките дека овој случај беше завршен експресно, а истрагата за „Империја” се уште трае и трае, и ќе стигне ли овој случај конечно во суд,  Русковска рече дека на неа интензивно се работело, но поради корона вирусот се уште не работеле со странки. Таа не знаеше уште колку ќе им треба да ја завршат истрагата, на што новинарите забележаа дека истрагата не мрда од места, а се однесува на многу покрупен случај во кој е оштетена државата со 15 милиони евра и со него се урива довербата во судството.

– Стварно не знам уште колку ќе треба до завршување на истрагата. Предметот „Империја” ако не го сметаме овој период со корона вирусот е релативно кратко време преземен од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Зошто толку време требало додека се уште беше во СЈО мене стварно не ми е познато, изјави Русковска, додека во позадина, пред да ја даде изјавата, помина Ана Камчева, дојдена како страна зад чиј случај застана обвинителството.