Руското бегство од Змискиот остров е стратешка победа за Украина


Змискиот Остров снимен неодамна од сателитот на „Максар“

 

Руските сили во четвртокот го напуштија стратешката испостава во Црното Море на Змискиот остров, во голема победа за Украина што може да ја олабави руската блокада за извоз на жито што се заканува да ја влоши глобалната глад.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека одлучило да се повлече од островот како „гест на добра волја“ што покажува дека Москва не ги попречува напорите на ОН за отворање на хуманитарен коридор што дозволува транспорт на житарки од пристаништата на Украина.

Украина соопшти дека ги истерала руските сили по масовниот артилериски напад во текот на ноќта.

„КАБУМ!“ твитна Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Веќе нема руски војници на Змискиот остров. Нашите вооружени сили завршија одлична работа“.

Украинската јужна воена команда објави слика на Фејсбук од она што се чини дека е островот, гледано од воздух, со најмалку пет огромни колони црн чад што се издигнуваат над него од, како што го опиша, напад од проектили и артилерија.

„Непријателот набрзина ги евакуираше остатоците од гарнизонот со два брзи чамци и веројатно го напушти островот. Во моментов, Змискиот Остров е зафатен од пожар, се слушаат експлозии“.

Голиот карпест остров ги контролира морските патишта до Одеса, главното пристаниште на Украина во Црното Море, каде што руската блокада го спречи извозот на жито од еден од главните светски добавувачи, создавајќи глобален недостиг, инфлација на цените и ризик од глад.

Русија го зазеде островот на првиот ден од војната, кога тамошната украинска стража по добиената наредба од рускиот крстосувач „Москва“ да се предаде, преку радио одговори „Руски воен брод: оди еби се“.

Тој инцидент беше овековечен на украинска поштенска марка. На денот на издавањето на маркичката, Украина го потопи бродот, предводникот на руската Црноморска флота.

Минатиот месец британското Министерство за одбрана рече дека ако Русија успее да ја зацврсти контролата врз Змискиот Остров со крстосувачки ракети за воздушна одбрана и крајбрежна одбрана, таа би можела да доминира во северозападното Црно Море.

Русија го бранеше островот од февруари, и покрај тоа што Украина сѐ повеќе тврдеше дека нанесува сериозни штети, потопува бродови за снабдување и уништува руски утврдувања.

Островот е во опсегот на проектилите ХИМАРС кои се испукани од украинското копно. Украина почна да го употребува моќниот нов ракетен систем испратен од Соединетите Држави минатата недела.

„Добивањето на Украина на противбродските ракети ‘Харпун’ и ХИМАРС ги изложија руските сили на островот во зголемен ризик“, напиша на Твитер Роб Ли, висок соработник на Институтот за истражување на надворешната политика со седиште во САД.

„Најзначајниот аспект е што ова може да ја отвори вратата за украинскиот извоз на жито од Одеса, што е критично за економијата на Украина и за глобалното снабдување со храна“.

Началникот на вооружените сили на Украина рече дека хаубиците од украинско производство што го гранатираа островот одиграле улога во протерувањето на Русите од него, но исто така им се заблагодари на странските земји за нивната поддршка.

Шефот на украинското воено разузнавање, Кирило Буданов, во мај изјави дека островот е критично важен и за Русија и за Украина. Тој рече дека оној што го контролира Змискиот Остров ја контролира копнената – и до одреден степен воздушната – безбедност на јужна Украина. Тој тогаш рече дека Украина верува дека Русија може да го искористи островот за да изврши инвазија на западна Украина и да испрати војници во молдавскиот регион Приддестровје, каде што Русија веќе има стационирани војници.

Вооружените сили на Украина објавија дека извршиле неколку напади на островот откако тој беше заземен. На 2 мај, армијата објави видео од удари извршени врз два руски патролни чамци во близина на Змискиот остров.

Нападите на украинските сили беа толку чести и големи што веќе немаше резон руските сили да останат на островот и да трпат големи загуби

Нападите се зголемија на островот во последните две недели. Портпаролот на јужната команда на Украина во понеделникот рече дека има „тековна операција“ за ослободување на островот, но таа веројатно ќе трае долго време. Јужната команда објави и видео на кое се прикажани 10 напади на островот, од кои еден наводно покажува уништување на рускиот систем за воздушна одбрана „Панцир-С1“.

Претходната недела, на 17 јуни, украинските сили уништија руски реморкер за кој рекоа дека носел муниција, оружје и персонал на островот. На 20 јуни, Украина ги гаѓаше гасните платформи во близина на Змискиот Остров што Русија наводно ги користела. Експлозијата била толку силна што жителите на Вилкове, најблиската копнена населба во Украина, можеле да ја слушнат, велат жителите интервјуирани од „Економист“.

На 22 јуни Украина објави сателитска снимка од островот. Се вели дека црните точки ги претставуваат местата каде Украина успешно ги нападнала руските позиции.

Се чини дека Русија одговори со испраќање проектили во регионот на Одеса. Украина соопшти дека во нападот биле повредени шест лица, меѓу кои и едно дете.

Историски гледано, Змискиот Остров бил романска територија сѐдодека во 1948 година не бил отстапен на Советскиот Сојуз, кој го користел како радарска база. (Според агенциите)