Руското архивско богатство претставено во Скопје


Документарни раритети како што е најстарата руска ракописна книга „Остромирово евангелие“, првиот руски законик „Руска правда“, Родословот на московските кнезови од 17 век, документи потпишани од Ленин и Сталин, документите за формирањето на СССР и неговото прекинување, сè до Федералниот уставен закон од март 2014 година за прифаќање на Република Крим и градот Севастопол во состав на Руската Федерација, се дел од изложбата насловена „100 раритети на руската државност“ што беше отворена вчера во Скопје во Музејот на македонската борба за самостојност.

Изложбата прв пат е отворена во Москва, минатата година, по повод 100 години од Државната архивска служба на Русија, каде на едно место беа собрани сто оригинални документи што сведочат за главните периоди на формирањето и развојот на руската држава од средината на 11 век до почетокот на 21 век. Скопје е прва дестинација надвор од Русија каде што изложбата гостува, а се организира по повод претстојниот руски празник 4 Ноември – Денот на националното единство.

За поставката подготвен е уникатен двојазичен каталог, на руски и македонски јазик, со детален опис на сите изложени документи, кои се копија на оригиналните документи. Изложбата „100 раритети на Руската државност“ во Музејот на македонската борба за самостојност, може да се погледне до 15 ноември.