Рускоска: Катица ни нанесе срам


Судењето за случајот Рекет продолжува на 19 и 20 мај кога завршни зборови ќе даваат обвинителството и одбраната.Во судот Катица Јанева, денеска даваше исказ, со што заврши доказната постапка за предметот Рекет во кој е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување.

Судот, на барање од одбраната, ја исклучи јавноста во делот од судењето каде Јанева сведочеше за доверливи информации за предметот „Рекет“, во кој е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување. На прашањето дали како  специјална јавна обвинителка некогаш презела дејствија со кои му дала привилегии на Орце Камчев, настојувала да го направи заштитен сведок или да му понуди спогодба, Катица одговори:

„Го чекав овој момент долго. Ќе се заколнам и во своите деца дела никогаш не сум му понудила такво нешто на Јордан Камчев. Немаше потреба. Тој само сакаше да соработува во ‘Империја’”, одговори Јанева.Според неа „Рекет“ е монтиран случај за да биде уништено СЈО, а бизнисменот Камчев да се спаси. Но, кажа дека се излажале во тоа бидејќи 170 предмети со 92 милиони евра замрзнат имот се предадени на Јавното обвинителство.

„Готов беше случајот „Империја“. Каде е? Го чекам! Досега требаше да биде сработен! Ако дојде до тоа Катица што ги обвини сите да дојде на ред да одговара, нека! Ќе одговарам, ќе бидам задоволна кога ќе ги сработат предметите!”, изјави Јанева.

Таа тврдеше дека никогаш ништо не зела ни материјално, ниту парично од Јордан Камчев за да го привилегира или ослободи од кривично гонење.

„Јас сум невина и барам судот да ме ослободи. А за моите колеги од СЈО оставам еден аманет: ‘Никогаш да не постапуваат како во овој предмет обвинителството за организиран криминал што постапува’“, рече Јанева пред паузата.

„Катица Јанева нанесе срам на обвинителството и поради тоа од моја страна, но и од страна на многу мои колеги, постои антагонизам кон неа“, и реплицираше  обвинителката Вилма Рускоска.

Рускоска истакна дека има снимка во која се гледа дека Јанева прима пари од Јовановски. Таа ги отфрли и обвинувањата дека предметот не се темели само на исказ од еден.

„Примила 50 илјади евра поранешната колешка од Боки Јовановски, а таа не смее да прима никакви награди. И не е важно од каде потекнуваат тие пари, туку дека таа примила пари“, рече Рускоска кои ги нарече лаги понудите на Јовановски да ги даде шифрите од телефонот на Кичеец.

„Тој имаше можност преку својот бранител да ги достави шифрите затоа што го кажа тоа пред еден месец. Тоа не го стори, што е уште една лага од страна на Јовановски“, заврши Рускоска.