Руско МНР до Трамп: Панамскиот канал и припаѓа на Панама, не се обидувајте да го преземете


Руското Министерство за надворешни работи денеска реагираше на вчерашната изјава на Трамп во инаугуративниот говор за Панамскиот канал за кој рече дека „Кина управува со каналот“.

– Ние не и го предадовме на Кина, туку на Панама. И ќе си го вратиме, рече Трамп во говорот на што руското МНР денеска одговори дека „каналот легално и припаѓа на Панама“ и ги предупреди САД да не се обидуваат да го преземат, ниту со воени, ниту со економски притисоци.

– Очекуваме дека за време на разговорите меѓу лидерите на Панама и американскиот претседател Доналд Трамп за прашањата за контрола на Панамскиот канал, двете страни ќе го почитуваат актуелниот меѓународен правен статус на оваа клучна бродска рута, изјави Александар Шчетинин, директор на Одделот за латинска Америка при руското Министерство за надворешни работи, пренесуваат руските државни медиуми.

Шчетинин истакна дека Русија ја потврдува својата посветеност за зачувување на неутралноста на Панамскиот канал и додаде: „Ние сме посветени да обезбедиме оваа меѓународна транзитна рута да остане безбедна и отворена. САД немаат право да се мешаат во внатрешните работи на Панама“.

Панамскиот канал ги поврзува Атлантскиот и Тихиот Океан и е еден од најважните трговски патишта за САД, низ кој минуваат околу 40 отсто од сите американски контејнерски бродови.

Заканите на Трамп за каналот предизвикаа остри реакции минатиот месец од претседателот на Панама, Хозе Раул Мулин, кој изјави дека за суверенитетот на Панама над каналот „не може да се преговара“.

„Како претседател на Панама, сакам да разјаснам дека секој квадратен метар од Панамскиот канал и неговата поврзана зона ѝ припаѓа на Панама и така ќе остане, рече Мулино, отфрлајќи секаква можност за преговори со САД.