Руските железници профитираат од кризата во Црвеното Море
Кризата во Црвеното Море го пренасочува транспортот на товар од Азија во Европа преку копнени коридори преку руска територија. Руските железници, се чини, најмногу ќе профитираат од прекинот на поморскиот сообраќај преку Суецкиот канал.
Германскиот ДХЛ соопшти дека барањата за транспорт на стоки долж рускиот железнички коридор се зголемени за околу 40 отсто откако контејнерските бродови почнаа да сообраќаат на алтернативни рути околу Рогот на Африка во декември.
„Реил гејт“ (Rail Gate) објави дека побарувачката се зголемила за 25 до 35 отсто, додека „Реил бриџ карго“ (Rail Bridge Cargo), со седиште во Холандија, наведува дека сообраќајот низ Русија е за 31 отсто поголем од лани.
Логистичките компании ги преиспитуваат рутите низ Русија по одлуката на повеќето големи контејнерски линии да ги пренасочат маршрутите од Азија кон Европа кои поминуваа низ Суецкиот канал околу Ртот Добра надеж.
Прекинот на транспортот беше предизвикан од јеменските Хути поддржани од Иран кога започнаа масовни напади врз трговски бродови за поддршка на Палестинците во Појасот Газа.
Поради промената на рутата, времето за испорака меѓу Кина и Северна Европа се зголеми од седум или десет дена на околу 50 или дури 55 дена.
ДХЛ соопшти дека транзитното време со железница низ Русија од Ченгду, Кина до Дуизбург, Германија моментално трае 25 до 30 дена.
„Со влошувањето на ситуацијата во Црвеното Море, бројот на прашања се зголеми за приближно 40 проценти“, велат од ДХЛ, додавајќи дека „огромното мнозинство клиенти избираат да одат преку Русија“.
Компанијата нагласи дека не превезува товар со потекло од или наменет за Русија според извозните ограничувања наметнати од западните земји како одговор на конфликтот во Украина.
„Ние се придржуваме до строгите контроли на извозот во согласност со важечките санкции“, нагласуваат од ДХЛ.
Други даватели на логистика, вклучително и швајцарскиот „Куен – Нагел“ и данскиот „Маерск“, велат дека продолжиле да ги избегнуваат железничките линии низ Русија од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година.
Руските железници ја поседуваат широката железничка мрежа на Русија и управуваат со повеќето возови. Компанијата е во сопственост на руската држава и се верува дека има блиски врски со Кремљ.
Владата на Обединетото Кралство го нарече извршниот директор Олег Белозеров „личност во кругот на Путин“ и воведе санкции против него во 2022 година.
Според условите на санкциите на ЕУ, постои речиси целосна забрана за движење на патниот товар до и од Русија и Белорусија, а руските железници исто така се ограничени во нивниот пристап до голем број финансиски услуги.
Сепак, нема забрана за превоз на стока со руските железници.
Податоците од руската компанија Евроазиска железничка алијанса, која организира карго превоз на рускиот колосек 1520 mm (поширок од европскиот), покажуваат дека контејнерскиот железнички сообраќај од Кина до Полска во јануари изнесувал 14.532 еквивалентни единици од дваесет стапки (TEU).
Иако ова е зголемување од 36 проценти во однос на јануари 2023 година, оваа сума нема да биде доволна за да се наполни дури и некои од најголемите модерни контејнерски бродови, кои носат 24.000 единици од 20 метри.