Руските војски во Украина се пополнуваат со затвореници и осудени убијци


Неколку стотици затвореници од Затворот Бор источно од Москва се пријавиле да одат во војната

 

Русија ангажира осудени убијци и затворени шпиони да се борат на линијата на фронтот во војната во Украина. Регрутирањето се случува во затвори во голем број региони низ земјата.

Меѓу регрутираните има и затворени поранешни воени разузнавачи и други поранешни припадници на специјалните сили со претходна воена служба.

Претходно во војната, затворениците кои отслужуваат казни за најтешките злосторства беа одбиени од руската војска, но сега има извештаи дека се регрутираат убијци додека Путин бара повеќе војници од првите редови.

Во некои затвори, се вели дека стотици затвореници се подготвени да се пријават со ветување дека ќе добијат амнестија.

Ваквото регрутирање се смета за знак дека на Путин му недостасуваат војници подготвени за линијата на фронтот и покрај тоа што има милионска армија.

Осудениците се избираат, а потоа се обучуваат две недели пред да бидат пренесени во воената зона и сместени во „јуришни групи“ на фронтот од „Вагнер“, приватна воена компанија, која тесно соработува со руското Министерство за одбрана.

„Некои беа избрани од началниците на казнените колонии“, изјави извор за рускиот опозициски канал СОТА.

„Тие беа отстранети од работните места во затворскиот логор, против нивна желба и беа ‘поканети’ да разговараат. Тоа беа поранешни учесници во воената служба или оние со разумно високи воени чинови.

На другите само им беше кажано: ‘Кој сака да оди во војна, нека оди да се пријави’“.

Познато е дека најмалку еден осуден убиец бил испратен во регионот на Донбас за да се бори, а ветувањето е дека казната ќе им биде укината по шест месеци доколку се борат.

Безбедносната служба ФСБ – некогаш на чело со Путин – наводно е вклучена во шемата.