Руските уметници се повлекоа од годинешното Биенале во Венеција


Италија – Рускиот павилјон на 59. Биенале во Венеција, што ќе се отвори на 23 април, овојпат ќе остане затворен, поради инвазијата на Украина, соопштија организаторите на Биеналето и ја поздравија храброста на руските уметници.

„Венециското биенале е информирано за одлуката на кустосите и уметниците на Руската Федерација да се откажат од своите позиции за овогодишната меѓународна изложба, со што го откажаа и учеството на нивната земја на 59-тото издание на Биеналето. Изразуваме целосна солидарност со овој благороден чин на храброст и со мотивите кои доведоа до одлуката од која може да се прочита трагедијата што го погоди украинскиот народ“, соопштија организаторите.

Уметниците Александра Сухарева и Кирил Савченков и кустосот Рајмундас Малаускас на Инстаграм објавија дека се повлекуваат од рускиот павилјон поради војната во Украина

„Рускиот павилјон ќе остане затворен“, потврдија уметниците и кустосот. – „Додека цивили умираат под ракетен оган, украинските граѓани се кријат во засолништа, а руските протести се задушуваат, не е време за уметност“, напишаа тие во заедничката изјава.

Минатата недела и уметниците од украинскиот павилјон ги информираа организаторите дека повеќе не можат да работат на нивниот проект поради руската инвазија.

Организаторите на Биеналето, кое ќе трае од 23 април до 27 ноември 2022 година и е посветено на волшебноста, имагинацијата и транзицијата, во саботата отфрлија „секаков облик на војна и насилство“. На годинешното Биенале ќе учествуваат 80 земји. Под мотото „Млеко од соништата“ со италијанската домаќинка Сесилија Алемани, на изложбата ќе бидат претставени дела на 213 гости-уметници од 58 земји, со 1.433 експонати.