Руските сили во големи бранови напаѓаат кај Авдиивка, засега неуспешно
Авдиивка стана симбол на украинскиот отпор по неколкумесечни напади
Руските сили во понеделникот (23 октомври) ги засилија своите напади врз две области на фронтот во источна Украина, настојувајќи да ја прекинат единствената рута за снабдување во разурнатиот град Авдиивка и да напредуваат кон клучниот град Купијанск подалеку на север.
Генералштабот на вооружените сили на Украина соопшти дека нивните трупи одбиле околу 10 руски напади врз Авдиивка. Виталиј Барабаш, шеф на воената администрација на Авдиивка, рече дека имало деноноќни удари во центарот на градот Авдиивка и на единствениот пат што се користи за носење залихи.
„Многу тешка ситуација со залихите, со 22 километри од патот постојано под оган, дење и ноќе“, изјави Барабаш за Радио Слобода.
„Ова ја отежнува евакуацијата и испораката на помош. Непријателот се обидува да јаотсече. Секое движење е сигнал за отворање оган“.
Барабаш рече дека околу 1.600 жители останале во градот, додека предвоеното население броеше околу 30.000. Повеќето од преостанатите немаа желба да заминат, рече тој.
Авдиивка стана симбол на украинскиот отпор по неколкумесечни напади. Накратко беше заземена во 2014 година од сепаратистите поддржани од Русија кои зазедоа големи делови од територијата на исток, а украинските сили подигнаа цврсти утврдувања во последните девет години.
Претседателот Володимир Зеленски во својата ноќна видео порака им оддаде почит на оние кои го бранат градот, велејќи: „Нивната издржливост е силата за цела Украина сега“.
Генералот Олександр Сирски, командант на украинските копнени сили, ги опиша условите на целиот фронт долг 1.000 километри како „предизвикувачки“. Тој го издвои Бахмут, заземен од Русија во мај по неколкумесечни битки, и Купијанск, обата североисточно од Авдиивка, за соочување со најголемите тешкотии.
„Непријателот претрпува значителни загуби, првенствено во однос на персоналот, но постојано ги надополнува своите сили со внесување резерви, вклучително и од Русија“, рече Сирскиј за новинската агенција УНИАН.
Локалните власти, исто така, соопштија дека руските сили повторно гранатирале области во јужниот регион Херсон, кои се под контрола на Киев.
Во руските извештаи за борбите во понеделникот не се споменува Авдиивка веќе трет ден по ред. Се наведува дека руските сили одбиле три напади надвор од Купијанск и уште 10 во близина на Бахмут.