Руските избори му донесоа и победа и грижа на Путин

Владејачката партија го загуби мнозинството во градскиот совет на Томск (Фото: Ројтерс)

Партијата Единствена Русија поддржана од Кремљ освои доминатен број на гласови, но во многу големи градови, особено во Сибир, го загуби мнзинството во градските совети. Сојузниците на Навални постигнаа неколку драгоцени успеси

 

Не е изненадување: Доминантната партија во Русија извојува огромни победи на регионалните и локалните избори.

Изненадување: Сојузниците на затруениот антикорупциски крстоносец Алексеј Навални освоија законодавни места во два сибирски града, а партијата Единствена Русија контролирана од Кремљ го загуби мнозинството во три.

Трките за гувернери, регионалните законодавни тела и градските совети се одржаа во многу провинции во Русија во тридневно гласање што заврши на 13 септември. Како и за реечиси сите избори во Русија во последните неколку години, гласањето се одвиваше во рамките на ограничувањата на она што архитектот на политичкиот систем на претседателот Владимир Путин некогаш славно го нарече „управувана демократија“.

Сепак, и покрај менаџерските напори на Кремљ и нов притисок врз противниците, има мал слободен простор за руското гласачко тело, а локалните проблеми – депониите, на пример – ги мотивираа гласачите на некои локации да се залагаат за изборни резултати кои не секогаш се вклопуваат во управните планови на Москва.

Како резултат на тоа, реалноста е дека владејачката политичка партија во земјата е длабоко непопуларна и сјајот на Путин е оцрнет, а неговиот рејтинг на популарноста паѓа во сегашниот мандат.

И тоа ќе има нокаут ефекти на националните избори следната година за долниот дом на парламентот, Државната дума.

Еве еден брз преглед на некои од резултатите од тридневното гласање и што навестуваат за во иднина.

Победа на Навални од болничкиот кревет

Изборите се одржаа само три недели откако Навални насилно се разболе додека леташе кон Москва од Томск, каде што помагаше да ги собере своите локални приврзаници и да ја истурка својата иницијатива за „паметно гласање“.

Навални беше хоспитализиран во Русија, ставен во кома и подоцна евакуиран во болница во Берлин, каде германските лекари заклучија дека е отруен со токсичен нервен агенс, првобитно развиен во времето на Советскиот Сојуз.

Во Томск, Единствена Русија освои најмногу гласови, но го загуби мнозинството во градскиот совет, додека двајца сојузници на настраданиот опозициски политичар – Ксенија Фадеева и Андреј Фатеев, освоија места, според првичните резултати.

Во Новосибирск, друг сибирски град познат по својата академска и научна заедница, друг сојузник на Навални, Сергеј Боико, е на пат да освои место во градскиот совет.

Победите беа несомнено мали; градските совети не се вообичаено места каде што се случуваат огромни политички промени во Русија. Но, тие се исто така многу симболични, покажувајќи ја моќта на Навални која не е изгубена – кој изгради почитувана политичка машина, наслушнувајќи ја фрустрацијата на Русите со ендемската корупција, за која критичарите велат дека е дел од Единствена Русија и сојузниците на Путин.

Покрај тоа, победите беа надвор од големите градови Москва и Санкт Петербург, чии гласачи имаат тенденција да бидат полиберални отколку во руските региони. И победите го вклучија она што во Русија е познато како „несистемска опозиција“ – комплицирана номенклатура што ги опишува силите на опозицијата кои дејствуваат без премолчено одобрување на Кремљ.

Портпаролот на Навални Кира Јармиш тврди дека победите покажале оти поддршката на Навални допира и подалеку од најголемите урбани центри.

„Ова е одговорот на сите лелекања дека наводно Алексеј не е поддржан во регионите“, напиша таа во објавата до Твитер. „Тие многу го поддржуваат“.

Владејачка партија, владејачки победи

Оценките за популарноста на Единствена Русија никогаш не биле пониски. Навални може да преземе голем дел од заслугите за тоа, откако најпрво ја популаризираше фразата „Партија на измамници и крадци“ за да ја опише Единствена Русија во 2012 година, а потоа секогаш удираше со чекан на партијата. Стагнацијата на платите, контроверзните реформи во пензискиот систем и зголемувањето на даноците, исто така, ѝ наштетија на позицијата на партијата меѓу руските гласачи.

На минатите гласања, голем број кандидати за локални функции, вклучително и во Москва, всушност се кандидираа како независни, како начин да се дистанцираат од оштетената марка на Единствена Русија.

Сепак, партијата е многу силна и продолжува да има доминација во избраните функции низ целата земја.

Цитирајќи податоци од излезните анкети и прелиминарното пребројување, Андреј Турчак, секретарот на Генералниот совет на Единствена Русија, рече дека партијата треба да освои мнозинства во сите регионални законодавни тела и дека нејзините кандидати за гувернер се далеку напред.

И првите резултати на 14 септември ја покажаа Единствена Русија победничка во сите 18 гувернерски трки; во некои региони, Татарстан, Коми и Камчатка, резултатите покажаа убедливи победи на кандидатите на Единствена Русија.

Тоа беше така и во Иркутск, индустриски сибирски град близу Бајкалското Езеро; прелиминарните резултати таму покажаа дека актуелниот гувернер победи со повеќе од 61 процент, и покрај излезната анкета што укажува на тесна трка.

Но, во оклопите на Единствена Русија имаше вдлабнатини.

Во 37-члениот градски законодавен дом на Томск, и покрај успехот на сојузниците на Навални, Единствена Русија заврши доминантна, со повеќе од 24 проценти од гласовите. Но нејзиниот број на места падна на само 11, а досега имаше 21.

Слично на тоа, во Новосибириск, каде бројот на местата на на Единствена Русија падна на 22, а досега имаше 33. Единствена Русија го загуби мнозинството и во законодавниот дом на Тамбов.

Независната организација за набудување на изборите „Голос“ рече дека 6 од 18 кандидати за гувернери се кандидираа како независни, за да ги сокријат своите поврзаности на Единствена Русија.

Продолжената непопуларност на Единствена Русија претставува проблем за Кремљ, каде постои вознемиреност дека ако изборите во Државната дума што се очекуваат во септември 2021 година се фер и конкурентни, партијата може да претрпи големи загуби.

И има знаци дека Кремљ веќе се обидува да го надмине проблемот со непопуларноста на Обединета Русија: нова политичка партија, наводно, создадена со благословот од Кремљ – Нови луѓе – освои доволно гласови на локалните избори за време на викендот за да излезе на изборите за Думата.

„Паметно гласање“

Откако Навални и неговите сојузници сфатија дека не можат да се спротивстават на Единствена Русија и управуваната демократија на Кремљ, тие се одлучија за друга тактика: „паметно гласање“. Тоа е кога политичката организација на Навални во суштина им презентира на незадоволните гласачи список со алтернативни кандидати на кандидатите на Единствена Русија.

Рекламни постери за кандидатот на опозицијата Сергеј Боико во Новосибирск (Фото: АФП)

Тоа функционираше на изборите за градскиот совет во Москва во 2019 година, каде Единствена Русија загуби значителен број места и се чини дека функционираше во Новосибирск, Томск и на други места на овие најнови избори. Групата на Навални поддржа повеќе од 1.000 кандидати на локалните избори низ целата земја за да ги предизвика кандидатите на Единствена Русија.

Не беше веднаш јасно колку од тие кандидати за „паметно гласање“ победија, но тоа значи дека паметното гласање не е само тука за да остане, туку веројатно ќе се користи за поголем ефект на изборите за Думата.

„Главниот заклучок на неодамнешната кампања е едноставен: Гласачите треба да се регистрираат на веб-страницата ‘Паметно гласање’ и да ги дадат своите гласови во согласност со нејзините препораки“, напиша Илија Јашин, политички опозициски лидер, во објава до Фејсбук. „Ако сториме сè на паметен начин, тогаш следната година Единствена Русија ќе го изгуби мнозинството во сојузниот парламент“.

Чисто гласање

Изборниот систем во Русија никогаш не бил пример на конкуренција, транспарентност или несомнена точност. Тоа е тренд кој се влоши во последниве години, нешто што „Голос“ и другите организации го документираа нашироко.

Овие регионални избори беа првите што користеа нов систем со кој се овозможува гласање во текот на три дена. Тоа беше потег навидум насочен кон минимизирање на потенцијалната опасност од инфекции со корона вирус. Но, организациите предупредија дека ќе биде потешко да се документираат и спречат измамите.

„Во текот на изминатите четири години, ‘Голос’ никогаш не добил толкав проток на комуникации за демонстративно непочитување на законот, вклучувајќи ги и правата на набљудувачите и членовите на [изборните] комисии“, се вели во соопштението на организацијата на 14 септември.

Станислав Андреичук, експерт во „Голос“, изјави за РСЕ дека административните и законодавните бариери стануваат сè полоши за изборната транспарентност, тренд што тој предвидува само дека ќе се влоши.

„Beќе има растечки конфликт, судир на овие трендови на зголемување во следните години“, рече тој. (Радио Слободбна Европа)