Руските генерали разговарале за употреба на нуклeaрно оружје, пишува „Њујорк тајмс“
Високи руски воени претставници разговараа кога и како Москва би можела да употреби тактичко нуклеарно оружје во Украина, предизвикувајќи загриженост во Вашингтон и сојузничките престолнини. Ова го објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на „неколку високи американски функционери“.
Претседателот Владимир Путин не учествувал во разговорите, но самиот факт дека таквите дискусии воопшто се водат меѓу генералите ја вознемири американската администрација, бидејќи тие се доживуваат како демонстрација на степенот до кој високите офицери се фрустрирани од неуспеси на бојното поле, додава ивесникот. Исто така, сугерира дека тенко прикриените закани на Путин за употреба на нуклеарно оружје можеби не се празни, се вели во текстот.
Соединетите Американски Држави и понатаму не гледаат знаци дека Русија го преместува нуклеарното оружје на локации или други тактички дејствија пред нуклеарен напад.
Разузнавачките податоци за споменатите разговори во Москва му беа покажани на американското раководство во средината на октомври.
Изворите на „Њујорк тајмс“ не кажаа за какви сценарија се разговарало. Директорот на ЦИА Вилијам Барнс претходно изјави дека „потенцијалниот очај“ на Путин да извлече победа во Украина и неуспесите во водењето на војната може да доведат до употреба на нуклеарно оружје.
- Никогаш во историјата не било употребено тактичко нуклеарно оружје во вистинска борба. Може да се монтира на различни носачи – од ракети до артилериски гранати. Неговата цел е да им зададе разурнувачки удар на конвенционалните борбени формации на непријателот и, додека тој сè уште не се опорави, да нападне низ областа на поразот.
- Проблемот со војната во Украина е што нема големи концентрации на украински единици на фронтот, а тактичкиот нуклеарен напад би убил стотици, но не и илјадници воени лица. Понатаму, во зависност од видот и моќта на оружјето, областа би останала непогодна за живеење со децении, а можеби и со векови, а воздушните струи би можеле да носат радиоактивни честички над руската територија.
Путин има единствено овластување да нареди употреба на тактичко нуклеарно средство. Тој може да донесе одлука без разлика на позицијата на неговите генерали. Командантите треба да бидат информирани за подготвеноста, вклучително и како да ги заштитат своите војници во случај на детонација.
Телефонските повици од крајот на октомври меѓу министрите за одбрана и началникот на Генералштабот на Русија и неколку водечки западни земји ги намалија тензиите, по што Путин рече дека „нема потреба, нема смисла – ниту политички ниту воено“ од употреба на тактичко нуклеарно оружје.