Руските државни телевизии молчат за напуштањето на Херсон
На државните канали се крие од Русите напуштањето на Херсон. Воспоставена е целосна цензура
Независните руски медиуми пишуваат дека руските државни и провладини медиуми и особено телевизиите речиси го премолчаа повлекувањето од Херсон и навлегувањето на украинските трупи. Додека жива дискусија се разви на каналите на мрежата Телеграм.
Попладнето на 11 ноември, откако Министерството за одбрана на Русија извести за завршувањето на повлекувањето на војниците, вестите на државниот телевизиски канал НТВ објавија дека руската воздушна одбрана ги одбила украинските напади кога руските војници преминале на левиот брег и дека таму поминале повеќе од 115 илјади цивили. НТВ, исто така, објави дека „синоќа почнаа да пристигнуваат извештаи дека се кренати во воздух два моста во околината на Херсон“, но водителот не посочи кој може да го стори тоа, само истакна дека руското Министерство за одбрана не коментираше за ситуацијата.
Првиот канал во дневните вести на 11 ноември воопшто не ја спомна темата за повлекување од регионот Херсон. На Русија 1 исто така не кажаа ништо за завршување на „повлекувањето на војниците“, но покажаа извештај за тоа како регионите на Русија „продолжуваат да примаат бегалци“.
Во време кога министерот за одбрана Сергеј Шојгу наредуваше повлекување, Путин се сретна со шефот на Федералната медицинска и биолошка агенција (ФМБА) Вероника Скворцова, а потоа учествуваше на церемонијата и наградите за вработените во одделот, кој слави 75 години.
Таму тој одржа говор, но не го спомна Херсон. Во исто време, еден од примателите на наградата го спореди Путин со Александар Невски, кого го нарече „колекционер на руски земји“ и додаде дека и рускиот претседател „ја враќа земјата во пазувите на татковината“.
„Тотална цензура за Херсон“, напиша на својот блог про-Кремљ политичкиот аналитичар Сергеј Марков, но подоцна ја избриша објавата.
Но на каналите на социјалната мрежа Телеграм повлекувањето од Херсон беше детално дискутирано. За него пишуваа и вработени во државните медиуми. Многумина од нив во своите објави истакнаа дека одлуката да се напушти градот е правилна и овозможила спасување на голем број животи на воени лица, а исто така истакнале дека до тоа довеле погрешните пресметки на претходната команда.
Првиот човек на Раша тудеј и еден од главните пропагандисти на Кремљ, Маргарита Симонјан, напиша:
„Сигурно знам дека никому не му беше лесна оваа одлука. Ниту на оние кои ја примија, ниту на нас кои разбравме дека ќе биде така, а сепак се молевме да не биде така. Затоа што постои само една алтернатива – да се стави група во голите степи, да се трупаат купови со тела и да се отвори патот кон Крим“.
Андреј Медведев од државата телевизија: „Можете да го претворите градот во големо утврдување, додека имате потешкотии со логистиката. Можете дури и да го одбраните. Само тоа се сериозни загуби меѓу цивилното население и персоналот, вклучително и мобилизираните. Тие ја избраа, очигледно, помалку лошата од две лоши опции“.
Познатиот „воен дописник“ Семјон Пегов на неговиот канал WarGonzo напиша: „Руските граѓани беа евакуирани, државниот апарат повлечен – најтешката логистичка задача ја реши штабот на командантот на НМД на добро ниво. Победата се создава не само со популарни и едноставни одлуки, туку и со газење на грлото на гордоста. Здравиот разум треба да биде во сите одлуки, дури и во непријатните“.
Во исто време, многу провладини блогери дадоа своја детална проценка на ситуацијата, се пожалија дека предавањето на Херсон ќе биде „пораз“ во очите на населението, а некои отворено ги критикуваа постапките на руската војска, па дури и го нарекоа повлекувањето „предавство“.
„Од воена гледна точка, ова е најсериозниот чисто воен пораз на Руската Федерација од 1991 година“ (Conelcassad, 814 илјади следбеници).
„Причините за ова лежат во ситуационата политичка и воена немоќ, која беше генерирана од верувањето во сопствената ексклузивност, непогрешливост и неповредливост“ (Rybar, 1,1 милиони следбеници).
„Барем во следните два дена ќе мора да читаме, слушаме и гледаме како предавството околу Херсон ќе се оправдува и измазнува, соопштувајќи дека ништо не може да се направи. Можеше. Но, не во последните денови, а не подоцна од јуни. Но, апсолутно ништо не беше направено“ (Grey Zone, 350 илјади следбеници).
Во исто време, провладините коментатори кои го анализираа повлекувањето го привлекоа вниманието на фактот дека јавното изразување на кое било гледиште за ова прашање може да стане причина за нивно кривично гонење: критиките за повлекувањето на трупите може да се сметаат за „дискредитирачки“ за армијата и поддршката како „повик за промени“ на територијалниот интегритет на Руската Федерација.