Руските авиони практично веќе не можат да летаат во Европа, еве каде сè имаат забрана


Од Германија до Шведска, преку Франција и Италија, сè поголем број европски земји го затвораат својот воздушен простор за руските авиокомпании поради руската инвазија на Украина, а денеска кон ова се приклучи и Канада.

Во неделата во 14 часот, германското Министерство за транспорт објави забрана за летови на руски авиони и оператори на авиони во германскиот воздушен простор. Берлин појасни дека оваа забрана важи три месеци, но дека не се однесува на хуманитарни летови.

Откако на почетокот изгледаше колеблива, Франција околу пладне објави слична мерка: „Франција од оваа вечер (недела) го затвора својот воздушен простор за сите руски авиони и авиокомпании. Европа одговара на руската инвазија на Украина со целосно единство“, објави на „Твитер“ функционерот од Министерството за транспорт, Жан Батист Џебари.

Истата одлука набрзо дојде од Ирска, потоа од Шпанија, Белгија, Холандија, Италија, Малта, Австрија и Македонија.

Владата на Луксембург, исто така, објави дека од недела ги подготвува неопходните инструкции за затворање на нејзиниот воздушен простор за руските компании.

Во северна Европа, вакви мерки во неделата најави Финска, која со Русија дели граница од повеќе од 1.300 километри, а истото го најавија и Шведска, Данска, Норвешка и Исланд.

Сите наведени земји им се придружија на Полска, Чешка, Естонија, Бугарија, Молдавија и Обединетото Кралство, кои вакви мерки усвоија претходниве денови.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ најави дека забраната за летови за руските компании ќе стапи на сила најверојатно утре (понеделник).

Надвор од Европа, ваква одлука најави и Канада, втората по големина земја на планетата.

Имајќи предвид дека многу земји веќе го затворија или најавија затворање на нивниот воздушен простор, рускиот воздушен сообраќај се соочува со многу широка зона на забранети летови, поради што авионите мора да прибегнуваат кон заобиколување на воздушните коридори.

Неколку европски земји, вклучувајќи ги Франција, Италија, Данска и Шведска, побараа паневропска забрана за руските авиони.

Како одмазда, Москва почна да забранува летови над нејзина територија на авиони поврзани со европските земји кои таквата одлука ја објавија во последните денови.