Рускиот Врховен суд ќе одлучува за забрана на „Јаблоко“: Притисок врз единствената антивоена партија пред изборите
Рускиот Врховен суд на 10 август ќе ја разгледува тужбата на партијата „Родина“ за поништување на регистрацијата на кандидатската листа на „Јаблоко“ за изборите за Државната дума, јави ТАСС, повикувајќи се на прес-службата на судот.
– Врховниот суд на Русија закажа разгледување на административниот предмет за поништување на регистрацијата на федералната кандидатска листа на партијата „Јаблоко“ за 10 август 2026 година во 10 часот, соопшти судот.
Во тужбата „Родина“ наведува дека „Јаблоко“ сторила повеќе прекршувања на изборното законодавство уште во фазата на предлагање и регистрација на кандидатите.
Според тужбата, партијата ги прекршила прописите за интелектуална сопственост и законодавството за борба против екстремизмот, а секое од тие наводни прекршувања, според подносителот, претставува основа за поништување на регистрацијата.
„Јаблоко“ е единствената руска политичка партија што јавно се спротивставува на војната што Москва ја води против Украина.
„Родина“ е мала прокремљовска националистичка партија, чиј лидер, Алексеј Журављов, за ТАСС изјави дека „Јаблоко“ е движење поддржано од Западот со цел да ги дискредитира изборите и Русија.
Од „Јаблоко“ ги отфрлија обвинувањата, оценувајќи ги како клеветнички, и најавија сопствена тужба за заштита на угледот.
„Сакаат да нè отстранат од изборите затоа што ние сме за мир, а тие сакаат трагедијата на војната да продолжи бесконечно“ – напиша на Телеграм лидерот на партијата, Николај Рибаков.