Рускиот рулет на Сергеј Самсоненко
Сашко Ѓ. Димовски
Август 2017 година. На два месеца до локалните избори, шокантна најава за македонската спортска јавност. Сергеј Самсоненко се „истрча“ со писмо во кое порача дека заминува од Вардар пред првиот меч со Фенербахче во плеј-офот за групната фаза во Лига Европа. Како причина наведе „цел куп пишувања од одредени медиуми кои промовирале невистини, лаги, превртување на факти“. Еден месец подоцна, ретерираше. Порача дека нема да замине од Вардар и ќе остане да се бори до крај. Промената на одлуката Самсоненко ја образложи дека првичното решение го донел оти „се собрало до срце, па реагирал емотивно и со жешка глава“.
Август 2018 година. На еден месец до референдумот за промена на уставното име, нова шокантна најава за македонската спортска јавност. Сергеј Самсоненко се „истрча“ по вторпат со писмо во кое порача дека „крева раце“ од фудбалскиот клуб и има намера да го врати од каде што го зеде во јануари во 2014 година – на Град Скопје. Но до трансфер не дојде. Условот беше од финансиска природа и гласеше „чист го зедовте, чист вратете го“. А, клубот беше далеку од чист што ниту интервенција на „Комунална хигиена“ не можеше да се справи со дамките. Заостанати плати, рати, премии што во последниот месец од годината доведоа до условна суспензија од УЕФА.
Дека ситуацијата во ФК Вардар не е добра кажа и легендата Дарко Панчев во интервју за „Вечерње новости“. Но алармот на спортскиот директор не беше доволен за реакција по допрен глас и, веројатно, придушен од фудбалската свита од доверба околу рускиот бизнисмен. Повторно огласување од Самсоненко немаше. По народната „кучињата лаат, карванот си врви“ продолжи и вардаровата приказната во сезоната која е загубена од титуларен аспект, а клубот останува на апарати за дишење и во неизвесност дали ќе се разбуди од коматозната состојба. Од молкот профитираат само административците кои се закачени на цицката низ која тече(ше) млеко преку најголем дел на јавни жлезди на сметка на приватните во партнерството и страсно ја впиваат секоја капка со надеж дека нема да секне.
Април 2019 година. Во месецот на претседателските избори, нова најава од Сергеј Самсоненко. „Не можам повеќе да финансирам. Неиздржливо е. По завршување на сезоната, се повлекувам од ракометниот клуб“. Последното негово „невидливо“ обраќање е повторно во пишана форма и за дистрибуција е искористена официјалната интернет-страница на РК Вардар бидејќи во меѓувреме снема дел од „омилените“ медиуми што секогаш „први дознаваа“, „навестуваа“ или „најавуваа“. Барем таков бил наводниот „дил“ што Русинот наводно го имал со својот близок партнер по мирисот на парите. Меѓутоа, секој почеток има и крај. Кога-тогаш. Крај доаѓа и на секоја ароганција, макар била и на моменти, што некому ќе му се удри од глава и ќе се распадне на ситни делчиња, како и чиниите што се кршеа во еден елитен скопски ресторан со фудбалскиот гуру на просторите на поранешната Југославија.
Хронолошки гледано, секоја најава за повлекување на Сергеј Самсоненко или блеф, како сакате, е во спрега со разни демократски процеси во Македонија. Било да се локални, парламентарни или претседателски избори или референдумско изјаснување на народот, особено по промената на власта во државата, што недвосмислено упатува дека розово спакуваниот проект наречен Вардар (ЖРК, РК и ФК) во најголем обем е државна творба што требаше да монтира насмевки меѓу напатената, заморена и од манипулации отепана популација. Без поговор се успеа во тоа. Фудбалерите станаа први на овие 25.713 километри квадратни што заиграа во групна фаза на УЕФА клупско натпреварување, ракометарките пет пати играат на фајнал-фор турнирите во Лигата на шампиони, која ракометарите ја освоија во 2017 година како круна на производот со декларација потпишана „Мејд ин Маседонија“.
Самсоненко ја имаше таа среќа да биде „одбраниот“ за главна улога во филмот. Во него играше моќен финансиер кој со обемна помош на државна продукција ја напушти сенката, излезе на површина и собра слава, публицитет, внимание, кај дел и восхит. Но има сè помалку пари за снимање на нова сезона серии. Личната приказна за погледот на Скопје при вечерна седенка на тераса од стан на Водно, импресиите од градот и земјата и топлината на луѓето како иницијални каписли да реши да инвестира токму овде, сега е заменета со – како од овде.