Рускиот премиер позитивен на коронавирус


Русија – Рускиот премиер Михаил Мишустин е хоспитализиран откако соопшти дека е позитивен на новиот коронавирус.

Мишустин (54), кој ја презеде премиерската функција во јануари, му соопштил преку видео повик на рускиот претседател Владимир Путин дека заболел.

– Мојот тест на Ковид-19 е позитивен. Согласно препораките морам да се самоизолирам и да ги следам советите на лекарите, изјавил Мишустин во разговорот со Путин.

Прес службата на премиерот нагласи дека сите кои во изминатите неколку недели биле во контакт со Мишустин ќе бидат изолирани и тестирани на коронавирус.

Тој истакна дека ќе продолжи да работи како и вообичаено и планира да биде во активен контакт со колегите преку телефон.

Во обраќањето до нацијата, рускиот премиер ги повика граѓаните да останат дома и да се спречи ширењето на новиот коронавирус.

– Уште еднаш ги молам граѓаните да ја сфатат заканата од инфекција со коронавирусот и неговото ширење со најголема сериозност. Сигурен сум дека заедно можеме да ја победиме оваа зараза и да му се вратиме на нормалниот живот, порача Мишустин.

Путин му посака брзо опоравување на Мишустин, а за вршител на должноста премиер, додека е отсутен, е именуван вицепремиерот Андреј Белоусов.