Рускиот министер Сергеј Шојгу се појави во јавност по две недели отсуство


Министерот за одбрана Сергеј Шојгу

 

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу беше виден како претседава со армиски состанок и разговараше за набавките на оружје во видеото објавено од неговото министерство во саботата. Тој прв пат јавно беше прикажан како зборува повеќе од две недели.

Во видеото, поставено на социјалните мрежи, Шојгу рече дека разговарал за прашања поврзани со воениот буџет и наредбите за одбрана со Министерството за финансии.

„Продолжуваме со однапред предвидената испорака на оружје и опрема со помош на кредити. Приоритетите се високопрецизно оружје со долг дострел, авионска опрема и одржување на подготвеноста за ангажман на стратешките нуклеарни сили“, рече Шојгу, кој ја надгледува „специјалната воена операција“ во Украина.

На состанокот присуствуваа голем број високи претставници на руската армија, вклучително и началникот на Генералштабот, Валери Герасимов, кој исто така одамна не беше виден во јавноста.

Шојгу се појави на екранот во видео клип од состанокот меѓу претседателот Владимир Путин и неговиот Совет за безбедност во четвртокот, но не беше прикажан како зборува.