Рускиот амбасадор на Сител објаснуваше дека снимките за бомбардирани болници биле лажни
Сергеј Баздникин, рускиот амбасадор во Скопје, вечерва се пожали дека не можел да оствари средба со официјални лица на Министерството за надворешни работи за да пренесе што се случува во Украина. Тој во гостувањето на Сител рече дека бил подготвен да се сретне со челниците на земјата во секое време и да објасни околу ситуацијата во Украина. Според него, против Русија се води информативна војна, во која, како што рече се користат сите расположиви средства за да се дискредитира раководството на неговата земја.
Рускиот амбасадор изјави дека не гранатираат ниту детски болници ниту кој било цивилен објект и дека сите тие снимки се лажни.
Тој рече дека објавувањето на списокот на непријателски земји, меѓу кои е и Македонија, дека руските граѓани и компании, самата држава и нејзините региони можат да ги исплатат во руски рубљи заемите добиени од соодветните земји. Русија сѐ уште не ги има разработено сите мерки коишто ќе ги примени како одговор на западните санкции. Нашата одлука беше реакција на отворено непријателските постапки на владите на овие земји, рече амбасадорот Баздникин.
Тој посочи дека досега врз Русија се спроведени 5.530 рестриктивни мерки и изрази жалење што кон нив се вклучила и македонската влада.
Баздникин изјави дека до амбасадата стигнале многу барања од македонски компании, кои можат да бидат погодени од реципрочните мерки, да се изземат од тие мерки, но за жал, вели, „не може да не реагираме во таква ситуација“. Прашањето, нагласи тој, се разгледува сеопфатно во однос на секоја земја.