Руски војници чекале да дојде генерал кога ги погодиле украински ракети. Најмалку 60 загинати


 

Украинските вооружени сили нападнаа полигон за обука на руската армија во близина на Волноваха во самопрогласената Донецка Народна Република. Ова го објави руската служба на Би-Би-Си.

Украинската армија, според извори на Би-Би-Си, попладнето на 20 февруари пукала врз руски полигон од ракетниот систем ХИМАРС. Во тој момент на полигонот имало припадници на 36-та гардиска моторизирана стрелечка бригада, чија постојана локација е на Трансбајкалската територија.

Според Би-Би-Си, во моментот на нападот, на полигонот имало воен персонал од три чети на бригадата (200-300 луѓе), кои го чекале командантот на 29-та армија на Источниот воен округ, генералот Олег Мојсеев, да пристигне на местото. Рускиот „воен дописник“ Роман Сапонков изјави дека „големиот командант“ кого војниците го чекале никогаш не дошол.

На интернет се појавија бројни фотографии и видеа кои наводно се направени на полигонот по ударот. На нив се прикажани десетици мртви луѓе во воена униформа. Автентичноста на видео снимките не е потврдена.

Според различни проценки, вклучително и самите војници на 36-та бригада, како резултат на ударот можеле да загинат најмалку 60 лица, пишува Би-Би-Си.