Руски ракети погодија фабрика во Украина што произведува мотори за авиони
Руски ракетен напад погоди објект на украинската воздухопловна групација „Мотор сич“, една од неколкуте компании кои владата ги реквизира по инвазијата на Москва“, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Денеска имаше уште еден руски ракетен напад против нашата земја. Тие го погодија ‘Мотор сич’ во близина на Хмелницки во западна Украина, на околу 300 километри југозападно од Киев“, рече Зеленски во вечерното обраќање, пренесе АФП. Компанијата „Мотор сич“, која произведува мотори за авиони и хеликоптери и други компоненти, е меѓу „стратешките“ фирми преземени од Министерството за одбрана на Украина во ноември минатата година.
Зеленски рече дека во нападот е вклучено руското хиперсонично оружје „Кинжал“, кое е дизајнирано да ги избегне системите за противвоздушна одбрана, иако додаде дека „некои од проектилите биле соборени“.
Регионот Хмелницки, на стотици километри од линијата на фронтот во источна Украина, редовно е мета на руските напади. Во регионот се наоѓа голема база на украинските воздухопловни сили. Седиштето на „Мотор сич“ се наоѓа во регионот Запорожје, делумно контролиран од Русија, во југоисточна Украина. Претходно, нејзиниот гувернер изјави дека руски напад предизвикал пожар во објект надвор од градот. Не беше јасно дали руските напади го погодија седиштето на „Мотор сич“.