Руски ракети го погодија центарот на украинска Виница, најмалку 20 загинати

Меѓу загинатите има и три деца. Нападот бил извршен со крстосувачки ракети „Калибр“ од подморница во Црното Море


 

Најмалку 20 лица, меѓу кои три деца, загинаа, а десетици други се повредени во ракетен напад врз градот Виница во централна Украина. Ова го соопшти заменик-шефот на Кабинетот на претседателот на Украина, Кирило Тимошенко. Повеќе од 90 лица побарале лекарска помош.

Според украинската полиција, три руски ракети погодиле деловна зграда. Покрај тоа, Офицерскиот дом и околните станбени згради беа оштетени од ракетни напади. Се претпоставува дека ударот ја погодил и болницата. „Страна.уа“ пишува дека ударот бил во областа каде што се наоѓа Офицерскиот дом, квартот Јубилејни и споменикот на украинските воздухопловни сили. Кабинетот на претседателот на Украина соопшти дека нападот бил извршен со крстосувачки ракети „Калибр“ од подморница во Црното Море. Шефот на регионалната воена администрација на Виница, Сергеј Борзов, рече дека уште четири проектили над регионот Виница биле соборени од противвоздушната одбрана.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, инцидентот во Виница го нарече терористички напад. „Русија секој ден го уништува цивилното население, убива украински деца, насочува проектили кон цивилни цели. Каде нема ништо воено. Што е ова ако не е отворен терористички акт?“ – рече Зеленски.

Министерството за одбрана на Руската Федерација сè уште не го коментираше ова. Главниот уредник на Раша тудеј, Маргарита Симонјан, тврди дека го прашала руското министерство каде нападнала војската, а ѝ бил даден следниов одговор: „Во Офицерскиот дом имаше привремено сместување на нацистите“. Украинските и руските медиуми во исто време укажуваат дека Офицерскиот дом е културен центар, а не воен објект.