Руски професор: Моите колеги побегнаа, на факултетите предаваат студенти


Професор кој неодамна е отпуштен од Универзитетот во Санкт Петерсбург затоа што бил на антивоен протест, Денис Скопин, вели дека во моментот во Русија се одвива одлив на мозоци поради кој многу работни места на универзитетите ширум земјата останаа празни. Во интерјву за Би-би-си Скопин објасни дека отказот му е врачен поради „неморално однесување“, откако десет дена поминал во притвор.

„Луѓето кои беа покрај мене во притвор беа ИТ специјалисти, научници, лекари, учители, студенти. Моите студенти добро разбираат што се случува во моментот во Русија. Не го одобруваат тоа. Околу 25 отсто од моите колеги веќе ја напуштија Русија“, вели тој.

Последиците од војната ќе бидат катастрофални за Русија

„Почнаа да заминуваат по 24 февруари. некои отидоа непосредно откако почна конфликтот, некои откако беше прогласена мобилизација. мислам дека тоа ќе биде катастрофа за руската наука, но некои земји од тоа може да имаат корист. Посебно некои соседни земји како Казахстан“, вели Скопин и додава дека поради тоа рускиот научен и образовен систем се распаѓа.

„Колку што ми е познато, на добрите универзитети во Санкт Петерсбург и во Москва во моментот празни се добри работни места затоа што луѓето заминаа. Тоа е необично и без преседан, пред тоа беше тешко да се добие професорска позиција. На некои универзитети ги молат студентите од додипломски студии да подучуваат место професори. Не може да замислите какво влијание ќе има тоа на рускиот образовен систем. Тоа е катастрофа“, додава професорот.

На прашањето има ли земјата иднина без познатите научници, Скопин одговара: „Не. Руската наука е мртва по 24 февруари. Земја без наука нема иднина. Не е тешко да се сфати какви ќе бидат последиците што ова ќе ги остави на руското образование, економија и култура.“