Руски милијардер го купи „Звечево“


Компанијата „Звечево“ од Пожега доби нов сопственик, компанијата „Флексвеј“ (Flexway) на рускиот милијардер Денис Штенгелов, пренесува Индекс.хр. Мнозинскиот сопственик на „Звечево“, Здравко Алвир, продаде повеќе од 75 отсто од акциите во загрепската подружница на „Звечево“ на „Флексвеј“, чие седиште е во Дубаи.

Основач на хрватската филијала на „Флексвеј Адријатик“ е компанијата „Флексвеј“ со седиште во Обединетите Арапски Емирати, односно во слободната зона во Дубаи. Сопственик на „Флексвеј“ е Денис Штенгелов, кој исто така ја поседува и ја контролира КДВ, голема компанија за храна во Русија.

КДВ се занимава и со производство на слатки и е сопственик на малопродажниот синџир „Јарче!“ (Yarche!) со повеќе од илјада супермаркети во Русија. Рускиот државјанин Штенгелов со години живее во Австралија, а Украина го ставила на списокот на санкционирани лица, пишува Даница.

Кој е Штенгелов?

Денис Штенгелов е 94. најбогат Русин и 2133. најбогат во светот со богатство вредно 1,3 милијарди долари, објави Форбс.

Компанијата „Флексвеј Адријатик“, основана лани во декември во Хрватска, сега мора да објави јавна понуда за преземање на сите акции на „Звечево“, односно околу 25 отсто што ги поседуваат малите акционери. Меѓу нив е и Ненад Бакиќ со 2,25 акции. „Флексвеј Адријатик“ е предводен од Илија Караматиќ, менаџер кој исто така работи во Хрватска за руската компанија КДВ груп (KDV Group), која е во сопственост на Штенгелов.

Хрватските медиуми потсетуваат дека Здравко Алвир бил претседател на УО на „Звечево“ од 2001 до 2014 година, кога функцијата му ја предаде на Марин Пуцар, кој почина на почетокот на 2021 година. По заминувањето на Пуцар од челната позиција во „Звечево“, во септември 2016 година се врати на функцијата претседател на Управниот одбор, а во 2019 година се повлече на советничка функција.

„Звечево“ минатата година ја затвори со приходи од 14,5 милиони евра, 37 отсто повеќе од претходната година. Намалена е и загубата од 842 илјади евра во 2022 година на 174 илјади евра лани, пишува хрватски Лидер.