Руски капетан осуден во Финска: Влечел сидро по морското дно и скинал кабли


Фински суд денес изрече затворски казни за руски капетан и член на екипажот од Азербејџан, двајцата од товарниот брод Fitburg, за тешка саботажа, откако минатата година беа оштетени два подводни телекомуникациски кабли во Финскиот Залив.

На 31 декември, Финска го задржа бродот во Финскиот Залив додека пловел од Русија кон Израел, поради сомневање дека ги оштетил каблите што ги поврзуваат Хелсинки и Естонија.

Окружниот суд во Хелсинки го осуди капетанот на три години и шест месеци затвор, а членот на екипажот на две години и десет месеци. Во соопштението од судот се наведува дека бродот го влечел синџирот и сидрото по морското дно во должина од приближно 130 километри, и дека тоа било направено намерно.

Финска ги засили напорите за заштита на својата подводна инфраструктура по серијата инциденти од 2022 година, во кои цел беа каблите и цевководите во Балтичкото Море. Според нивните адвокати, капетанот планира да поднесе жалба на пресудата, додека членот на екипажот сè уште нема одлучено дали ќе го стори истото.

Според пресудата, судот им наложи на двајцата обвинети да ги поделат трошоците за штетата, кои изнесуваат приближно 1,9 милиони евра, а на капетанот дополнително му е наложено да плати уште околу 85.000 евра. Обвинетите, кои останаа во Финска со забрана за напуштање на земјата, ги негираа обвиненијата за сторено кривично дело и ја оспорија надлежноста на Финска во овој случај.