Руски функционер кој зборуваше против „војната“ ја напушти функцијата

Аркадиј Дворкович се повелече од функцијата претседател на фондацијата „Сколково“. Тој порано беше советник на Кремљ и потпретседател на владата


 

Поранешниот советник на Кремљ и поранешен заменик-премиер Аркадиј Дворкович во петокот се повлече од функцијата претседател на фондацијата „Сколково“, откако стана редок официјален глас на несогласување против воената интервенција на Москва во Украина.

Основана во 2010 година, Фондацијата „Сколково“ има за цел да ја диверзифицира економијата на земјата од нафта и гас, да поттикне стартапи и да изгради руска верзија на Силиконската долина надвор од Москва.

„Аркадиј Дворкович одлучи да ги прекине овластувањата на претседателот на Фондацијата ‘Сколково’ и да се фокусира на развојот на образовни проекти“, се вели во соопштението од „Сколково“ во петокот.

Дворкович (49) е ветеран на руската влада. Тој беше претседател на фондацијата од 2018 година, а исто така служеше како помошник и вицепремиер на Кремљ.

Тој не кажа зошто заминува, но ја пофали фондацијата за олеснување на развојот на „огромен број успешни стартапи“.

„’Сколково’ отсекогаш бил во првите редови на иновациите во Русија, а денес, сигурен сум, ќе вложи максимални напори да изгради сопствена конкурентна економија на нашата земја“, рече тој.

Игор Шувалов, претседател на одборот на директори на фондацијата, истакна дека Дворкович ја предводел и Меѓународната шаховска федерација (ФИДЕ) и смета дека е „невозможно“ да ги извршува двете функции „во сегашните околности“.

Дворкович стана еден од ретките руски функционери кои јавно го осудуваат она што Москва го нарече „специјална воена операција“ против Украина.

Во интервју за Mother Jones, американско списание, објавено оваа недела, Дворкович рече: „Војните се најлошите нешта што може да се случат во животот… вклучувајќи ја и оваа војна“. „Моите мисли се со украинските цивили“, рече Дворкович.

Дворкович е и шеф на надзорниот одбор на Роселхозбанк, еден од најголемите кредитори во земјата.

Во петокот, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека банката и Дворкович треба да одлучат за неговата функција.

Висок член на владејачката партија Единствена Русија, Андреј Турчак, рече дека Дворкович треба да биде разрешен од функцијата во „Сколково“.

Тој го обвини Дворкович дека дејствувал во „интересите на непријателот“.

Во значајниот говор оваа недела, претседателот Владимир Путин ја бранеше својата тактика во Украина и ги осуди „националните предавници“, велејќи дека на земјата ѝ треба „природно и неопходно самопрочистување на општеството“. (АФП)