Руски ботови работат во корист на Зоран Милановиќ, тврдат истражувачи


 Руски ботови покренаа „кампања за дезинформации во корист на Кремљ“ на социјални мрежи за да го поддржат хрватскиот претседателски кандидат против НАТО, објави „Политико“, повикувајќи се на група истражувачи од Центарот за информациска отпорност (ЦИР – Centre for Information Resilience).
Непрофитната организација со седиште во Лондон, која разоткрива операции за дезинформации, објави извештај во кој се тврди дека „проруски, анти-ЕУ и анти-НАТО мрежи на ботови“ работеле на зајакнување на актуелниот хрватски претседател Зоран Милановиќ пред првиот круг од претседателските избори во Хрватска на 29 декември.

Избран за претседател во 2020 година, Милановиќ, кој потекнува од левичарската Социјалдемократска партија, често ги критикуваше и НАТО и Европската унија „во разбранувани, популистички говори што прават споредби со новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп“, објави Политико, додавајќи дека Милановиќ „исто така се изјасни против воената помош за Украина и ги критикуваше западните санкции кон Русија“.

Со нешто помалку од 50 отсто од гласовите, Милановиќ не успеа да обезбеди целосна победа во првиот круг од изборите минатиот месец, а во вториот круг на 12 јануари негов противкандидат ќе биде Драган Приморац, кој е поддржан од владејачката Хрватска демократска заедница.

Според ЦИР, сметките што „содржат фото и хаштагови на проруската влада“ редовно објавувале содржини во кои го фалат Милановиќ на социјалните мрежи, вклучително и на „Х“ и Фејсбук, во „два брана“: откако тој го изрази своето противење за испраќање хрватски војници во Украина дури и по првиот круг од изборите. 
„Утврдено е дека една навидум неавтентична сметка на Фејсбук, идентификувана од истражувачите, објавува повеќе од 100 пати на ден и главно споделува фотографии со кои го напаѓа Приморац или го поддржува Милановиќ“, се наведува во извештајот цитиран од Политико.

Извештајот доаѓа по шокантната победа на практично непознатиот ултранационалист, проруски кандидат Калин Георгеску во првиот круг од претседателските избори во Романија кон крајот на ноември. Романскиот Врховен суд подоцна ги поништи изборите откако декласифицираните романски разузнавачки документи открија дека Георгеску имал корист од кампањата „во руски стил“ на ТикТок, објави Политико.