Руската војска го зазеде Соледар


 

Руската војска воспостави целосна контрола над градот Соледар во областа Донецк во Украина, кој беше предмет на жестоки борби во последните недели. Ова се наведува во дневниот извештај на руското Министерство за одбрана.

Според Москва, „ослободувањето“ на Соледар било завршено вечерта на 12 јануари. Киев не коментираше за заземањето на градот. Утрото на 13 јануари, Министерството за одбрана на Украина соопшти дека борбите за градот продолжиле и ноќе.

Градот беше заземен благодарение на напорите на руската авијација, артилерија и ракетни трупи. Тие континуирано пукаа кон позициите на вооружените сили на Украина, попречувајќи го трансферот на резервите и муницијата на непријателот, како и обидите на украинската војска да се повлече на други линии на одбрана, се вели во извештајот.

За време на операцијата, руските единици на Воздухопловните сили „изведоа таен маневар“, окупирајќи ги доминантните височини и блокирајќи го градот од северната и јужната страна.

„Комплексот мерки спроведени од руската група војници обезбедија успешни офанзивни операции на јуришните одреди за ослободување на Соледар. Само во текот на изминатите три дена, повеќе од седумстотини украински војници и над триста единици оружје на Вооружените сили на Украина се уништени во близина на градот Соледар“, соопшти руското Министерство за одбрана.

Како што забележува Министерството, заземањето на Соледар им овозможува на Русите да ги отсечат линиите за снабдување на украинските трупи во Бахмут, а потоа да ги блокираат и да ги внесат во „котел“ единиците на вооружените сили на Украина кои остануваат во него.