Руската рубља на најниско ниво од април 2022 година


Руската рубља денеска го доживеа најголемиот дневен пад оваа година и ја забележа најниската вредност во однос на доларот и еврото од април минатата година.

Рубљата денеска падна за повеќе од два отсто во однос на американскиот долар и се купува за 83,50 во однос на доларот и 91,32 во однос на еврото, пренесува Ројтерс.

Рубљата падна на 113 за долар по почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, но Централната банка и Министерството за финансии ја стабилизираа валутата и таа зајакна на 50 за долар во јули.

Меѓутоа, откако западните земји поставија крајна граница на цената на руската нафта кон крајот на минатата година, рубљата повторно ослабе, од околу 60 за долар на повеќе од 80 за долар оваа недела.

Трговците рекоа дека рубљата е под притисок од низа прашања, вклучително и продажба на средства на запад, што ја поттикна побарувачката за долари, додека пониските цени на нафтата во март ги намалија приходите од извозот.

Според анализата на Ројтерс, рубљата е трета најлоша светска валута оваа година, а аргентинскиот пезос и египетската фунта се полоши од неа.

Се очекува рубљата да зајакне во однос на доларот во наредните денови благодарение на неодамнешниот раст на цената на нафтата, имајќи предвид дека Русија е втор најголем извозник на нафта во светот, зад Саудиска Арабија.