Руската пропаганда е длабоко навлезена во Македонија, откри студија на „Мост“
Според наодите од студијата, руското влијание во земјава е во согласност со концептот на т.н. остра моќ

Руската пропаганда, влијанието и дезинформациите во Македонија е со голем обем, повеќеканални пораки, повторувачки и без објективност. Руските операции за влијанија имаат цел да поттикнат поделби во општеството, да ја поткопаат довербата во институциите и медиумите и да предизвикаат вознемиреност кај граѓаните. Ова се наодите на студијата „Една година од руската агресија врз Украина – руската пропаганда, влијание и дезинформации во Македонија“ што беше претставена денеска од Граѓанската асоцијација „Мост“.
Студијата е дел од проектот „Борба против лажни вести и наративи“ и била создавана една и пол година. Уредникот Росана Алексоска на промоцијата соопшти дека студијата се однесува на периодот од 1 март 2022 до 28 февруари 2023 година при што биле идентификувани и анализирани повеќе од 4.000 статии и 10.000 постови на Фејсбук.
„Студијата откри масовно пренесување и присуство на претставници на Кремљ во онлајн просторот во Македонија, користење на медиумите под контрола на руската држава како извори во статиите, проруски пораки од политичари во регионот кои се, исто така, и руски сојузници, како и повеќе случаи на координирано, масовно ширење на содржините на Фејсбук, преку добро воспоставена и координирана проруска инфраструктура… Се чини дека голем број портали едноставно ги пренесуваа руските функционери или медиумите контролирани од Русија и покрај тоа што тие најчесто лажат… Медиумите треба да бидат свесни дека зборовите се оружје во рацете на Кремљ за ширење дезинформации“, рече Алексоска.
Според наодите од студијата, руското влијание во земјава е во согласност со концептот на т.н. остра моќ, како што рече Алексоска, особено преку користење на црквата и промовирање на словенско-православното братство – наратив кој, рече, влијаел на емоциите на луѓето кај нас, а тврдењето „Западот е главен непријател на словенскиот и православниот свет“ предизвикало голем број интеракции со тоа што „ги таргетираа емотивно наелектризираните религиозни и перципирани културни врски меѓу Македонија и Русија“. Во исто време, рече таа, тие ја искористувале и комплексната мултиетничка историја на регионот предизвикувајќи поделби во земјава и на Балканот.
Студијата ги анализирала и изјавите и нивното пренесување во медиумите од чеченскиот лидер Кадиров и евидентирала забележани случаи на масовна дисеминиација со амплификација на пораките на рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин и на српскиот претседател Александар Вучиќ. Промовирање на руската пропаганда, рече Алексоска, е забележана на анонимни портали регистрирани на странски домени.
На прашањето дали студијата открила личности и во нашето општество кои се ставени во функција на руската пропаганда и дезинформации, таа одговори дека „има и домашни актери коишто го овозможуваат или засилуваат влијанието или ги пренесуваат пораките“. (МИА)