Руската економија падна за пет отсто во септември


 

Руската економија се намали за пет отсто во септември во споредба со истиот месец минатата година, што е цел процентен поен повеќе од август, покажаа во четвртокот податоците на руското Министерство за економија.

Санкциите на западните земји и последиците од испраќањето на десетици илјади руски војници во Украина во февруари ја турнаа економијата во рецесија, но Москва вели дека Западот не успеал да ја уништи руската економија.

Економистите предвидуваа двоцифрен пад на активноста на руската економија во 2022 година, потсетува Ројтерс.

Од руското Министерство за економија во средата соопштија дека за годинава очекуваат пад на активноста од 2,9 отсто, а септемврискиот пад велат дека е резултат на високата споредбена основа во истиот месец лани.

Така, според Министерството, руската економија паднала за 4,4 отсто во третиот квартал во споредба со истиот тримесечен период во 2021 година.

Претставници на руската централна банка предупредија дека распоредувањето на 300.000 резервисти во Украина како дел од „делумна мобилизација“ може да ѝ наштети на економијата со намалување на побарувачката, повлекување на работниците од работната сила и слабеење на довербата на потрошувачите, наведува Ројтерс.