Руската амбасадорка во Софија би гласала за национистите од Преродба

Според Елеонора Митрофанова, Костадин Костадинов најмногу ги бранел бугарските национални интереси


Руската амбасадорка Елеонора Митрофанова

 

Руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, изјави дека доколку е бугарска државјанка, би гласала за лидерот на радикалната проруска партија Преродба, Костадин Костадинов, што е прекршување на Виенската конвенција која ги утврдува правилата за дипломатски и државни односи што Русија ги потпиша во 1986 година.

Митрофанова долго време е контроверзен глас во Бугарија, земја-членка на ЕУ која се бори со силно проруско расположение и во општеството и на политичко ниво. Со неа разговараше бугарскиот инфлуенсер и поранешен новинар Мартин Карбоски.

„Ако сум бугарски гласач, ја разбирам политиката на раководството и разбирам што се случува, веројатно ќе гласам или со ‘не поддржувам никого’ или за Костадин Костадинов“, рече Митрофанова.

Кога беше притисната за нејзините коментари, Митрофанова продолжи.

„Од сите таканаречени опозициски партии, Костадинов барем изразува пробугарска позиција, што мене ми се допаѓа. Мислам дека има избалансиран пристап во надворешната политика“, додаде Митрофанова.

Позицијата на рускиот амбасадор е без преседан, бидејќи досега странски дипломат никогаш директно не изразил наклоност кон бугарски политичар.

Од почетокот на руската инвазија на Украина, Преродба речиси постојано ја бранеше руската гледна точка во конфликтот. Партијата е веќе трета сила во бугарскиот парламент, додека Костадинов негира дека брани проруски позиции.

Во март 2022 година, Украина го протера Костадинов од својата територија и му воведе 10-годишна забрана за влез во Украина поради извештаите дека е руски шпион. „Не, не би рекла дека тој ги застапува руските интереси во Бугарија“, вели Митрофанова.

Митрофанова негира дека руската амбасада финансира инфлуенсери, политичари и новинари во Бугарија, велејќи дека немаат пари за тоа. Во летото 2022 година, Лена Бориславова, шеф на кабинетот на премиерот Кирил Петков, објави дека бугарските тајни служби имаат информации дека Русија плаќа по 2.000 евра месечно на јавни говорници.

„Никогаш не сме платиле тролови, всушност, нашите финансиски средства се ограничени. Сè е насочено кон воени потреби и исплати за социјална помош. Вакво нешто не се случило во нашата политика или надворешна политика. Немаме пари за бугарски тролови, ниту за новинари“, рече Митрофанова.

Митрофанова ги советуваше проруските бугарски партии да кажат дека ја сакаат Бугарија, а не Русија.

Истовремено, рускиот амбасадор зборуваше и за економска преориентација кон Кина.

„Економски се преориентираме кон исток. Ние сме евро-азиска земја, но не можеме да се откажеме од нашиот идентитет. Мислам дека времето ќе помине, а денешните политички елити ќе си заминат. Ќе поминат десет години и постепено сè ќе си дојде на свое место“, вели таа.

Според неа, рускиот народ „не чувствува дека се одвива воена операција“.