Ужасен твит на руската амбасада во Лондон: за војниците од „Азов“ само „понижувачка смрт“ – со бесење


Затворот Оленивка откако беше гранатиран

 

Украина ја означи Русија како „терористичка држава“ откако московската амбасада во Велика Британија објави на Твитер дека војниците на украинскиот баталјон „Азов“ заслужуваат „понижувачка смрт“ со бесење.

Твитот од амбасадата дојде откако беа убиени повеќе од 50 украински воени заробеници кои ги држеше Русија – наводно меѓу нив има и војници од „Азов“. Тие загинаа во напад на затворот Оленивка во источна Украина што е под контрола на Русија.

Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за нападот во петокот.

Твитер призна дека објавата од руската амбасада ги прекршила „правилата за однесување со омраза“ на компанијата за социјални медиуми – но додаде дека можеби е во јавен интерес да биде достапна. Покрај украинската влада, многу други корисници на Твитер изразија бес на твитот.

Затворскиот логор Оленивка е под контрола на самопрогласената Донецка Народна Република (ДНР) поддржана од Русија.

Што се случило таму во петокот останува нејасно. Непроверената руска видео снимка од последиците покажува сплет од уништени кревети на спрат и ужасно јагленосани тела.

По нападот, руската амбасада во Лондон на Твитер напиша дека „милитантите од ‘Азов’ заслужуваат егзекуција, но смрт не со стрелање, туку со бесење, бидејќи тие не се вистински војници. Тие заслужуваат понижувачка смрт“.

Твитот вклучуваше видео клип на кој се прикажува брачен пар во урната зграда, обвинувајќи ги трупите на „Азов“ дека го гранатирале нивниот дом. Повикот на амбасадата за егзекуција го повторува она што го кажува човекот на видеото.

Азовските трупи беа принудени да го остават оружјето во мај, откако со недели жестоко го бранеа „Азовстал“, џиновска челичарница во југоисточното пристаниште Мариупол, која на крајот беше освоена од Русија.

Азовскиот полк беше националистичка група со екстремно десничарски врски кога беше формиран во 2014 година. Подоцна беше инкорпориран во Националната гарда на Украина.

Русија долго време го обвинуваше полкот дека е составен од неонацисти и воени злосторници, како дел од пропагандната кампања на Кремљ да ја оправда својата инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.

„Во 21. век, само дивјаците и терористите можат на дипломатско ниво да кажат дека луѓето заслужуваат да бидат егзекутирани со бесење за ништо. РФ [Русија] е државен спонзор на тероризмот“, рече тој.

Украина побара да им се дозволи на Обединетите нации и Црвениот крст да ги истражат смртните случаи во Оленивка.

Украина вели дека локацијата била цел на Русија во обид да ги уништи доказите за тортура и убиства. Претседателот Володимир Зеленски го опиша инцидентот како „намерно руско воено злосторство“.

Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Олег Николенко, на Твитер напиша: „Нема разлика меѓу руските дипломати кои повикуваат на егзекуција на украинските воени заробеници и руските војници кои го прават тоа во Оленивка. Сите тие се соучесници во овие воени злосторства и мора да одговараат.

Портпаролот на ДНР, Даниил Безсонов, рече дека во нападот загинале 53 лица, а 75 се ранети. Тој го нарече „директен удар врз касарната во која има заробеници“.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападот бил извршен со артилерија Химарс од американско производство и ја обвини Украина за „намерно изведена“ провокација. Министерството произведе фрагменти од, како што рече, ракети истрелани од системот Химарс.