Руската агресија ја урна владата на Молдавија
Претседателката на Молдавија го именуваше бизнисменот и поранешен министер Дорин Речеан за мандатар, откако највисокото владино место остана празно во петокот кога Наталија Гаврилита неочекувано поднесе оставка 18 месеци од нејзиниот мандат зафатен од кризи.
Претседателката Маја Санду на прес-конференција рече дека членовите на владејачката Партија за акција и солидарност, или ПАС, го прифатиле нејзиниот избор на Речеан за нов премиер.
„Знам дека ни треба единство и многу работа за да го пребродиме тешкиот период со кој се соочуваме. Тешкотиите од 2022 година одложија некои од нашите планови, но тие не нѐ спречија“, рече Санду, додавајќи дека во 2023 година сака да се фокусира на обновување на клучните области како што се економијата на Молдавија и нејзиниот правосуден сектор.
Речеан, 48-годишен економист кој беше министер за внатрешни работи во периодот од 2012 до 2015 година, ќе има 15 дена да формира нова влада за да ја претстави пред парламентот на гласање.
Речеан рече дека „ќе продолжи веднаш“ со формирање на нова влада и дека неговиот главен фокус ќе биде да воведе „ред и дисциплина“ во институциите на Молдавија, да вдахне нов живот во економијата и да обезбеди мир и стабилност.
По нејзината оставка во петокот, Гаврилита, 41-годишна економистка која беше назначена за премиер во август 2021 година, на прес-конференција рече дека нејзината влада „ќе можеше да оди напред повеќе и побрзо“ доколку ја добиеше истата поддршка и доверба дома, како и од другите европски земји.
Премиерството на Гаврилита беше обележана со долга низа проблеми. Тие вклучуваат акутна енергетска криза откако Москва драматично ги намали испораките за Молдавија и вртоглавото зголемување на инфлацијата по руската инвазија на соседна Украина. Згора на тоа имаше проектили од војната кои го минуваа небото на Молдавија.
Таа, исто така, рече дека никој не очекувал дека нејзината влада „ќе мора да управува со толку многу кризи предизвикани од руската агресија во Украина“.
„Ја презедов владата со антикорупциски, про-развојен и проевропски мандат во време кога корупциските шеми ги заробија сите институции и олигарсите се чувствуваа недопирливи“, рече Гаврилита. „Веднаш бевме соочени со енергетска уцена, а оние што го направија тоа се надеваа дека ќе попуштиме“.
„Облогот на непријателите на нашата земја беше дека ќе постапиме како претходните влади, кои се откажаа од енергетските интереси, кои го предадоа националниот интерес во замена за краткорочни придобивки“, додаде таа.
Санду во петокот ѝ се заблагодари на Гаврилита за нејзината „огромна жртва и напори да ја води земјата во време на толку многу кризи“. (АП)