Руска депресија: Навиваат за Англија во Катар, па го напаѓаат Лондон поради Украина


Руси во Москва го следат мечот меѓу Бразил и Србија (Фото: АФП)

 

Повеќето Руси го следат Светското првенство во Катар. Згора на тоа, Мeч ТВ, каналот што во Русија го пренесува Светското првенство, веќе по првите натпревари урива рекорди на гледаност. „Бројките на гледаност ги надминаа сите очекувања, изјави за Би-Би-Си коментаторот на телевизијата Меч, Георги Черданцев.

Тој вели дека Русите традиционално сакаат да ги гледаат Англија, Германија и Шпанија – земји чии национални првенства ги следат, а Србија е популарна и меѓу навивачките групи поради „блиските врски со српските навивачи“.

Има драматична промена во позицијата на Русија. Таа беше домаќин на минатото Светско првенство, а сега е исфрлена од фудбалот.

За четири години, стадионот „Лужники“ во Москва, каде раскошно беше отворено Светското првенство во фудбал во 2018 година и се играше финалето меѓу Хрватска и Франција, стана полигон за воените амбиции на Путин. Во март минатата година беше домаќин на концертот по повод преземањето на Крим од Украина од страна на Русија, а на истиот стадион оваа година претседателот Владимир Путин одржа голем политички митинг за поддршка на неговата воена офанзива во Украина.

На ѕидот од зграда, на километар и пол од Кремљ, е нацртан џиновски шарен мурал кој слави спортски успех, на кој се гледа како рускиот голман Игор Акинфеев одбрани пенал против Шпанија, моментот што ја испрати Русија во четвртфиналето на шампионатот. Русија беше во делириум.

Во интервју за Би-Би-Си, луѓето се сеќаваат како железничарите, на пример, посетуваа специјален курс каде што научија како да им се насмевнуваат на странците, грижејќи се за нивниот имиџ. Руските политичари, се чини, повеќе не се грижат за нивниот имиџ.

„Денеска има малку знаци за добредојде, пријателски или инклузивни. Во јуни, четири месеци откако Русија ја нападна Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ми рече: ‘Русија не е чиста. Русија е она што е. И ние не се срамиме да покажеме кои сме’. Со други зборови, не ни е грижа што мислите за нас. Тоа е соодветен слоган за денешна Русија“, напиша Стив Розенберг, шеф на руското дописништво на Би-Би-Си.

Русите го гледаат првенството и жалат што не играат.

„Разбирам дека не сме таму поради војната. Но, мислам дека треба да ја држиме политиката надвор од спортот. Не е во ред што Русија не е на Мундијалот“, рече еден Русин за Би-Би-Си.

Светското првенство, велат тие, доведе до подвоеност на руските личности.

„Некој поминува 90 минути фалејќи го Хари Кејн, навивајќи тој да постигне што повеќе голови за Англија, за следниот ден да гледа вести на националната телевизија и да се жали на лошата британска политика. Руските државни медиуми ги обвинуваат Британија, САД и ЕУ за сè, од ‘антируски чувства’ до заговор за пад на Русија. Многумина во земјава се согласуваат со нив. Тоа се истите луѓе кои со цело срце ги бодрат Англичаните во Катар“, пишува Би-Би-Си.