Русјаков: „Хотел меѓу две војни“ е роман за љубовта на Елени и Ататурк што никогаш не се случила
Не сакам многу да зборувам за себе, ниту, пак, за своите дела – најдобро е тие да зборуваат за себе. Отсекогаш сум сакал да раскажам приказна што ќе биде „мојата“ Ромео и Јулија, затоа што сметам дека забранетата љубов е најздодевната приказна на светот за раскажување, истакна автор на романот „Хотел меѓу две војни“, Александар Русјаков, добитник на наградата за најдобар необјавен роман „Пегаз“.
Свеченото доделување на наградата се одржа вчера во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје, а покрај победникот Русјаков, се обратија и членовите на жирито – проф. д-р Владимир Мартиновски, Фросина Пармаковска и Бисера Бендевска, како и уредничката на книгата, Оливера Ќорвезироска.
–Отсекогаш сум сакал да раскажам приказна што ќе биде „мојата“ Ромео и Јулија, затоа што сметам дека забранетата љубов е најздодевната приказна на светот за раскажување. Од друга страна, сфатив дека Македонија ја има легендата за Елени Каринте и Кемал Ататурк. Истражувајќи, сфатив дека таа љубов не се случила – затоа и поднасловот на книгата вели – Роман за љубовта што никогаш не се случила. Решив да ги вкомпонирам тие две работи, па љубовта што не се случила да ја измислам и да ја направам да биде совршено интересна за читателите. Се надевам дека ќе ја прочитате приказната, рече Русјаков.
„Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа, пред сè, многубројните војни од првата половина на ХХ век, судбините на Мустафа и Елени се прикажани преку вештите меандрирања во биографските факти и во многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.
Според уредничката Ќорвезироска, смелоста што ја поседува овој роман како раскажување, не престојува во борделите, во квир љубовните врски на Мустафа со Љатифе и Фикрие, ниту, пак, истекува од преполните чаши коњак на Ататурк и неговиот алкохолизам.
За победникот одлучи жирито во состав на проф. д-р Владимир Мартиновски од Катедра за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Фросина Пармаковска, писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2017 година и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“.
–Овој роман проблематизира и низа историски моменти и ликови, видени од специфичната призма на авторот, која е оригинална, темелна и извонредно визуелно ефектна. Светот што овој роман ни го претставува е раскошен, слоевит, свет што ги обединува пределите на сонот и јавето, животот и смртта, историската реалност и фикцијата. Раскрстувајќи со секаква типичност, типизираност и клишеизираност, „Хотел помеѓу две војни“ одново ги создава личните и историските вистини, играјќи си и постојано поместувајќи ги силните противречности помеѓу она што било и она што би можело да биде; помеѓу големите и малите; Истокот и Западот; слободните избори и детерминираните улоги, се вели во образложението на жирито, што го претстави Мартиновски.
Меѓу другото, како што се наведува, ова е и роман што нуди уникатно ѕирнување во комплексниот свет на една од најинтересните историски личности, секако низ безграничните можности на фикцијата и авторовата имагинација.
На конкурсот за „Пегаз“ за 2021 година се пријавија и учествуваа 44 ракописи. Ова е трето издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината, во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата „Славко Јаневски“.
Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук во 2019 година и „Лазарка“ од Љупчо Петрески и „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски во 2020 година. Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција.
Романот „Хотел меѓу две војни“ е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и наскоро ќе биде достапен во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.