Русите во Македонија не ќе можат да гласаат на претседателските избори
Руските власти се подготвуваат да го откажат гласањето на претстојните претседателски избори во руските конзулати лоцирани во „непријателските“ земји, изјави за весникот „Ведомости“ извор од дипломатските кругови.
Тој извор појасни дека можеби не станува збор за сите земји кои се вклучени во соодветната владина листа, која брои 49 држави, туку за значителен дел од нив. Сепак, конечна одлука сѐ уште не е донесена и властите ги продолжуваат консултациите, кои треба да завршат во јануари, додаде извор близок до МНР.
Македонија е една од земјите што се наоѓа на листата „непријателски“ одредена од Москва. Не само што е членка на НАТО, туку и затоа што најостро ја осуди руската агресија и ја помагаше Украина со оружје онолку колку што може. Русија ја стави Македонија на листата „непријателски“ земји на 7 март 2022, две недели од почетокот на инвазијата.
Доколку не се формираат избирачки места во „непријателските“ земји, Русите нема да имаат можност да гласаат во нивното место на живеење. Централната изборна комисија одлучи да им забрани на Русите да гласаат на избори преку Интернет.
На претседателските избори во 2018 година во странство гласале 444 илјади луѓе, а во 2012 година – 442 илјади.
Во исто време, според Централната изборна комисија, од 1 јули 2023 година, имало 2.004 милиони Руси со право на глас на списокот со избирачи надвор од Русија. За изборите во 2018 година беа отворени 400 избирачки места во 145 земји.