Блиски средби: Русите тврдат дека пресретнале два американски бомбардери


Руски борбен авион МиГ-31 пресретнал два бомбардери Б-1Б на американските воздухопловни сили кои се обиделе да ја преминат границата, тврди руското Министерство за одбрана.

„Група авиони кои се приближуваат до државната граница на Руската Федерација е откриена со помош на надгледување на воздушниот простор над Баренцовото Море. Со цел да се идентификува воздушната цел и да се спречи нарушување на државната граница на Русија, борбен авион МиГ-31 е подигнат во воздух“, се вели во соопштението, објавено од руската државна новинска агенција РИА.

Како што се приближувал МиГ-31, американските авиони ја промениле брзината на летот и се свртеле од руската граница, тврдат од Министерството.

„Рускиот авион безбедно се врати во воздухопловната база. Не е извршено нарушување на државната граница на Русија“, се заклучува во соопштението.