Русите се уморија од воената пропаганда на провладините телевизии

Бројот на гледачите на провладините телевизии на кои се шири провоена пропаганда е намелен за една четвртина. Поддршката за војната падна на 55 отсто, покажува новата анкета


Еден од најгласните пропагандисти е Владимир Соловјов

 

Една четвртина од Русите престанале да ги гледаат државните ТВ канали затоа што им е здодевно од немилосрдната провоена пропаганда на Владимир Путин, покажа новото истражување.

Истражувањето на независниот истражувачки центар Росмир покажа дека само 65 отсто од Русите гледаат станици со кои раководи Кремљ, што е помалку од 86 отсто на почетокот на инвазијата на Путин на Украина, објави „Москва тајмс“.

Руските државни телевизиски канали – како Русија 1 и НТ ТВ – со месеци пумпаат провоена пропаганда и се закануваат дека ќе ја збришат со нуклеарно оружје секоја држава што ја поддржува Украина – вклучувајќи ги Британија, САД, Франција и Германија.

Меѓу најистакнатите пропагандисти на државната телевизија е Владимир Соловјов, познат како „гласот на Путин“, кој ја обвини Украина дека организира злосторства за да обезбеди поголема воена помош од Западот и се закани дека ќе ги нападне европските метрополи.

Но, изгледа дека огромната провоена пропаганда им е здодевна на обичните Руси кои сѐ повеќе се разочаруваат од војната на Путин, при што една четвртина од гледачите сега се префрлаат на различни канали.

Анкетите, исто така, покажуваат дека само 55 отсто од Русите се за инвазијата, во споредба со 66 отсто пред неколку месеци.

Бројот на московските ресторани сега е на минимум во последните пет месеци, а кино-секторот предупреди дека ќе пропадне без владина поддршка, бидејќи санкциите продолжуваат да гризат.

Кремљ се потпира на државните руски ТВ канали за ширење дезинформации за да ја зајакне руската војна во Украина.

Во саботата, државната телевизија Раша тудеј објави дека руските војници биле „отруени во хемиски напад во Украина“, предизвикувајќи стравувања дека Москва ќе се обиде да ја оправда употребата на хемиско оружје во земјата.

Киев возврати, сугерирајќи дека војниците едноставно можеле да јадат загадено месо.