Русите нудат 100.000 рубли за секој што од Херсон ќе се пресели во Русија


 

Прорускиот челник на украинскиот окупиран регион Херсон, кој го постави Москва, понуди еднократна исплата од 100.000 рубли (нешто повеќе од 1.600 евра)  на „секој евакуиран жител“ на Херсон кој ќе го напушти градот и ќе се пресели во Русија.

Кирил Стремусов, еден од челните луѓе на проруската администрација на окупираниот Херсон, денеска на својот Телеграм налог рече дека „денеска е последниот ден за организирање евакуација од десниот брег на реката Дњепар во регионот Херсон“.

„Повеќето жители кои досега не го напуштија Херсон сега почнуваат да ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата и моите предупредувања„.

„По доаѓањето на левиот брег, жителите од десниот брег на регионот Херсон со автобуси се префрелаат на Крим, каде ќе ги дочекаат волонтери. Потоа евакуираните ќе заминат во други региони на Руската Федерација“, напиша Стремусов.

„Во другите региони на Руската Федерација, на жителите на Херсон ќе им биде доделено привремено престојувалиште. Покрај тоа, секој евакуиран жител на Херсон ќе добие еднократна помош во изност од 100.000 рубли“, напиа прорускиот челник.