Русите нападнаа енергетски објекти во Укарина, а Киев воен аеродром близу Ростов


Оган по украинскиот напад на аеродром близу Ростов

 

Руската армија нападна објекти на енергетската инфраструктура во регионите Полтава, Суми и Чернихив, објави операторот на електричната мрежа „Укренерго“ на својот канал на Телеграм. Како резултат на тоа, индустриските и домашните потрошувачи во регионите Полтава и Чернихив останаа без струја.

Вкупно, во ноќта на 20 јули, Русија гранатираше пет региони на Украина: Харков, Полтава, Суми, Чернихив и Киев, се вели во извештајот на украинските воздухопловни сили. За нападите, руската армија употреби три балистички ракети „Искандер-М“, една крстосувачка ракета „Искандер-К“, 16 беспилотни летала „Шахед“ и едно беспилотно летало од неодреден тип.

Во областа Харков, како резултат на нападот загинаа две лица, а најмалку тројца се повредени. Оштетени се педесетина куќи, административни згради, комунални згради и автомобили. Железничката пруга исто така беше погодена во регионот, при што е оштетен возен парк, објави локалната полиција. Во Киев нема жртви или материјална штета.

Во исто време Украина го нападна рускиот воен аеродром Милерово во Ростовската област, пишува „24 Канал“, како и „Кримски ветер“ повикувајќи се на мониторинг групите. Локалните жители слушнале најмалку 16 експлозии во близина на воздушното пристаниште, по што избувнал пожар во областа на пистата и паркирањето на авионите, забележува „Кримски ветер“.

Информациите за нападот на аеродромот индиректно ги потврдува јавната страница „Ова е Ростов“, која објави видео од голем пожар, снимен, според описот, во областа Милеровски по нападот на украинските вооружени сили.

Засега не е познато што точно е употребено за да се нападне рускиот аеродром. На крајот на мај, САД ѝ дозволија на Украина да го користи американското оружје што го доби против воени цели во Русија, но го ограничи опсегот на удари на 100 километри од границата, поради што Киев сè уште не може да ги нападне клучните руски аеродроми со американски проектили.