Русите гаѓаат со ракети на сите фронтови во Украина

Црноморските региони Одеса и Миколаев со погодени со ракети од воздух, гранатирањето во Донецк е без престан


Целта на нападите во Одеса беа приватни куќи (Фото: АП)

 

КИЕВ – Русија ги нападна црноморските региони на Украина, Одеса и Миколаев, со воздушни напади во вторникот, погодувајќи приватни згради и пристанишна инфраструктура долж јужниот брег на земјата, соопшти украинската војска.

Силите на Кремљ користеле ракети од воздух во нападот, соопшти Украинската оперативна команда Југ во објава на Фејсбук.

Во регионот на Одеса, голем број приватни згради во селата на брегот беа погодени и запалени, се вели во извештајот. Во регионот на Миколаев цел беше пристанишната инфраструктура.

Неколку часа по обновените напади на југ, официјален претставник на Москва во јужниот регион Керсон рече дека регионите Одеса и Миколаев наскоро ќе бидат „ослободени“ од руските сили, исто како и Керсонската област поисточно.

„Регионот Керсон и градот Керсон се засекогаш ослободени“, рече Кирил Стремусов, цитиран од руската државна новинска агенција РИА Новости.

Случувањата доаѓаат кога Украина изгледаше дека подготвува контраофанзива на југот.

Русија претходно го нападна пристаништето во Одеса изминатиот викенд. Британската војска во вторникот соопшти дека нема индикации дека на местото имало украински воен брод и залихи на противбродски ракети, како што тврди Москва.

Британското Министерство за одбрана соопшти дека Русија ја гледа употребата на Украина на противбродски ракети како „клучна закана“ што ја ограничува нејзината Црноморска флота.

„Ова значително го поткопа целокупниот план за инвазија, бидејќи Русија не може реално да се обиде со амфибиски напад да ја заземе Одеса“, рече војската. „Русија ќе продолжи да им дава приоритет на напорите за деградирање и уништување на противбродската способност на Украина“.

Се додава дека „процесите на таргетирање на Русија се многу веројатно рутински поткопани од застарените разузнавачки информации, лошото планирање и пристапот од горе надолу кон операциите“.

Во руското гранатирање во претходните 24 часа загинаа најмалку тројца цивили, а уште осум беа ранети во Украина, соопшти во вторникот кабинетот на претседателот.

Во источниот регион Донецк, каде што борбите беа фокусирани во последните недели, гранатирањето продолжи по целата линија на фронтот, при што најголемите градови во регионот, вклучувајќи ги Бахмут, Авдивка и Торецк, беа цел на руските сили, се вели во соопштението.

Регионалниот гувернер на Донецк, Павло Кириленко, ги обвини руските трупи за употреба на касетна муниција и го повтори својот повик до цивилите да се евакуираат.

„Не остана ниту едно безбедно место, сè е гранатирано“, рече Кириленко во телевизиската изјава. „Но, сè уште има патишта за евакуација на цивилното население“.

Институтот за проучување на војната, со седиште во Вашингтон, објави дека Русите користат платеници од опскурната група Вагнер за да ја заземат електраната Вуледар во северната периферија на селото Новолуханске.

Но, руските сили остварија „ограничени придобивки“ таму, според Генералштабот на Украина.

Главниот руски фокус беше ставен на заземањето на Бахмут, што им е потребно на силите на Москва за да извршат офанзива врз главните украински упоришта во Донецк, Славјанск и Краматорск.

„Руските сили постигнаа маргинални придобивки јужно од Бахмут, но веројатно нема да можат ефективно да го искористат овој напредок за да ја преземат целосната контрола врз самиот Бахмут“, соопшти Институтот за проучување на војната.

Руските сили продолжија со нападите врз цивилната инфраструктура во Харков, вториот по големина град во Украина на североисток, и околниот регион.

Гувернерот на Харков, Олех Синиехубов, рече дека ударите во градот продолжиле околу зори во вторник, оштетувајќи го застапништвото на автомобили.

„Русите намерно гаѓаат цивилни инфраструктурни објекти – болници, училишта, кина“, изјави Синиехубов за украинската телевизија. „Се пука кон сѐ, дури и редици за хуманитарна помош, затоа ги повикуваме луѓето да избегнуваат масовни собири“.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека Москва сака „целосно потчинување на Украина и нејзиниот народ“.

„Мораме да бидеме подготвени за оваа војна – која Русија ја води со апсолутна бруталност и ја води на начин на како никој друг – да трае со месеци“, рече Бербок за време на посетата на Прага. (АП)